Македонија
21. January 2024 - 16:37

Владата мора да се гласа цела – опозицијата своите министри ќе ги предложи во среда

Хибридно решение кое е целосно спротивно на Уставот. Собранискиот претседател со најдолг стаж е зачуден од обидот на власта да предложи полупразна влада во која ќе фалат трите министерски места кои законот предвидува да и припаднат на опозицијата.

Вељановски вели дека нема ниту можност премиерот да преземе одредени министерски ресори потсетувајќи на случајот во 2019 кога Заев сакаше да биде и премиер и Министер за финансии обид кој беше спречен поради неспоивост на функциите согласно македонските закони.

Вчера и политичките аналитичари коментираа дека Влада во која нема да бидат министрите на опозицијата нема да биде пржинска Влада што е спротивно на законот.

Но кај политичките партии нема промена на ставовите. Во СДСМ и денеска тврдат дека нема да ги гласаат министрите на опозицијата иако не објаснуваат како планираат да го направат тоа ако се знае дека Владата се гласа во целина.

„Доколку пратениците на ДПМНЕ не ги гласаат предлозите од сопствената партија ниту пратениците на СДСМ, ниту пратениците на други партии од мнозинството нема да ги гласаат.

Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во Влада, а истовремено да не ја поддржи таа Влада.
ДПМНЕ согласно закон како и сите други политички партии што имаат министри во техничката влада треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа Влада.“ – велат од СДСМ

Но нема закон кој може да ги натера пратениците да гласаат, велат од опозицијата.

До крајот на идната недела Собранието мора да ја избере Владата за да се испочитува законот кој предвидува таа да биде на служба 100 дена пред изборите, закажана за 8 мај.