Владата го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година

Продолжување на економскиот раст, забрзување на инфраструктурниот развој и реализација на проекти кои ќе донесат конкретни придобивки за сите граѓани на Република Македонија ќе овозможи ребалансот на Буџетот за 2026 година што денеска го усвои Владата, информира министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
Ребалансот, според неа, претставува внимателен баланс помеѓу фискалната одговорност, потребата од забрзан развој и сериозен фокус на капиталните инвестиции. Обезбедува стабилност на јавните финансии, но, како што нагласи, истовремено создава услови за повеќе инвестиции, поголема економска активност и подобар животен стандард за граѓаните.
- Со овој Ребаланс на Буџетот, вкупните приходи се ревидираат на ниво од 379,2 милијарди денари, што претставува зголемување за околу 4,2 милијарди денари или за 1,1 проценти во однос на иницијалниот Буџет за 2026 година, истакна министерката.
На приходната страна, појасни, даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари, што е минимално намалување од околу 900 милиони денари, односно за 0,4 проценти.
- Ова намалување е резултат на ревидираните приходи од акцизи и корекција во ДДВ. Приходите од акцизи од првично проектираните 35,8 милијарди денари се ревидираат на 34,2 милијарди денари, односно се намалуваат за околу 1,5 милијарди денари. Причината е јасна – Владата донесе одлуки за намалување на акцизите на нафтените деривати со цел да ги ублажи последиците од растот на светските цени на горивата и да им помогне на граѓаните и компаниите полесно да се справат со ценовните притисоци, нагласи Димитриеска Кочоска.
Според неа, значително подобрување бележат неданочните приходи, кои се зголемуваат за околу 2 милијарди денари, како резултат на подобрата реализација на административните такси, концесиите, и поголемото користење на сопствените приходи од страна на буџетските корисници.
- Донациите бележат пораст од околу 2,7 милијарди денари, најмногу поради реализацијата на конкретни проекти, вклучително и проектите што се финансираат преку претпристапните фондови на Европската Унија, додаде министерката за финансии.
На расходната страна, подвлече, вкупните расходи се ревидираат на 425,2 милијарди денари. Кај расходите за стоки и услуги има намалување од околу 900 милиони денари преку реалокација на средствата и нивно насочување кон приоритетните потреби.
- Овие дополнителни средства ги насочуваме кон јасно утврдени приоритети. Обезбедуваме дополнителни средства за земјоделските субвенции, субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршката на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард. Oбезбедуваме и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку средства за социјални надоместоци, заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација, рече Димитриеска Кочоска.
Со ребалансот, подвлече министерката, обезбедени се дополнителни средства за капитални инвестиции кои достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари што е зголемување за 14,5 проценти во однос на иницијалниот Буџет.
За првпат, според неа, корекцијата на дефицитот е резултат на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, зборуваме, вели, за дефицит кој ќе финансира развој.
-Тука имаме зголемување за 0,6 процентни поени во однос на иницијалната проекција, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 46,1 милијарди денари, односно на 4,1 проценти од БДП. За првпат, ова зголемување на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата. Не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој, истакна Димитриеска Кочоска.
Средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата и граѓаните - тоа ќе остане принцип на работа на оваа влада.
Во патната инфраструктура, наведе дека ќе продолжи реализацијата на Коридорите 8 и 10-д, автопатот Скопје – Блаце и подобрувањето на локалната патна инфраструктура низ општините. Во железничката инфраструктура информира дека ќе продолжи изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор VIII, делницата Бељаковце – Крива Паланка, како и проектот за заеднички железнички граничен премин и железничка станица Табановце. Во областа на животната средина и комуналната инфраструктура предвидени се инвестиции во изградба на водоводни и канализациски системи, пречистителни станици во повеќе општини, регионални системи за управување со отпад, изградба на централни и локални капацитети за управување со отпад и продолжување на проектот за Пречистителната станица за отпадни води во Скопје.
Министерката за финансии истакна дека ќе продолжи реализацијата на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, со инвестирање во енергетски ефикасни објекти во општините и јавните здравствени установи. Во образованието и детската заштита биле обезбедени средства за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, училишни и спортски сали, реконструкција на студентски и ученички домови и инвестиции во универзитетската и спортската инфраструктура. Во земјоделството, според Димитриеска Кочоска, ќе продолжат инвестициите за рурален развој, изградба и рехабилитација на системи за наводнување, модернизација на земјоделството, изградба на откупно-дистрибутивни центри и инвестиции за подобрување на конкурентноста на земјоделските стопанства. Со ребалансот предвидени се средства за продолжување на реконструкцијата на казнено-поправните установи, вклучително и изградбата на нови капацитети во КПД Идризово.
-Ова се инвестиции што директно го подобруваат животот на граѓаните денес, но и инвестиции кои ќе создаваат економски придобивки и во наредните години. Нашата определба е јасна – капиталните инвестиции да бидат двигател на економскиот раст и инструмент за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Истовремено, остануваме посветени на среднорочната фискална консолидација, постепеното намалување на дефицитот и одржувањето на јавниот долг на одржливо ниво, нагласи Димитриеска Кочоска.
Буџетскиот дефицит од 46,1 милијарди денари, како и обврските за отплата на долг во вкупен износ од 76,4 милијарди денари, ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување. Притоа, над 54 милијарди денари се наменети за редовно сервисирање на обврските кон странските кредитори, а околу 20 милијарди денари за отплата на домашниот долг, рече Димитриеска Кочоска додавајќи дека финансирањето ќе се обезбедува преку државни хартии од вредност или заеми, од меѓународните финансиски институции и преку задолжувања на меѓународниот пазар на капитал.
МИА
Ново на Сител
-

„Стоп за Усје“ на протест – граѓаните бараат Министерството да не и даде нова лиценца на компанијата
-

Тема на денот со проф. д-р Константин Димитров
-

Протестен марш ,,Стоп за Усје‘‘ против аерозагадувањето
-

Повеќе пари за инвестиции, земјоделие, образование: Владата го усвои ребалансот на Буџетот
-

Мицкоски: Дипломатската нота за патувањето на моето семејство ги радикализира односите со Софија
-

Пазарна ќе ги споредува цените во целиот синџир на снабдување за да утврди од каде доаѓа поскапувањето
-

Судот во Стразбур: Државата имала право да ги поништи аболициите на Иванов
-

Амандманската расправа за правична застапеност ги судри албанските партии
