Владата ги следи цените: Засега нема вештачки поскапувања
Владата внимателно ги следи цените на основните прехранбени производи. Не се исклучува можноста за намалување на ДДВ-то од 5 на 0 проценти, но според премиерот, трговците покажале фер однесување. Оцени дека нема вештачко кревање на цените, туку напротив, кај дел од продуктите имало и намалување.
-Извештајот на ДПИ е анализиран и мерките кои евентуално би се презеле се мерки кои би се аплицирале за одредени сезонски производи. Анализата опфаќа следење на моменталната цена на тие производи, како што се доматите, краставиците, итн..кои пак за една недела двојно ја намалија својата цена – изјави тој.
Мицкоски најави дека Владата денеска ќе ѝ препорача на Регулаторната комисија како да ги прилагоди акцизите за бензините и дизелот, зависно од берзите. Објасни дека ако цената на нафтата е меѓу 800 и 1.000 долари по тон, намалувањето на акцизата би било 1 денар по литар. Ако надминува 1.200 долари тогаш е четири денари.
Премиерот уверува дека во моментов нема никаков проблем со снабдувањето.
-Состојбата со нафтата и нафетните деривати - дизел-горивата, безоловните бензини, керозинот... се во исклучително добра состојба. Како држава во овој момент не гледаме какви било предизвици во синџирот на снабдување. Во постојана координација сме со снабдувачите. Од тој аспект не гледаме опасност и за нашите граѓаните и за бизнисите. Има доволно количини во државните резерви, но и во цевководот што го поврзува Солунското пристаниште со рафинеријата „Окта“, кој е веќе функционален и оперативен – кажа Мицкоски.
Собранието вчера ја продолжи кризната состојба до 20 јули. Тоа и овозможува на Владата веднаш да носи мерки со цел да спречи ценовен шок. Освен акцизите, во сила е и намаленото ДДВ од 18 на 10%, како и попустот кој го добиваат бензинските станици од најголемиот снабдувач.
Македонија и натаму останува земја со убедливо најниски цени на горивата во регионот. Поради тоа во пограничните области потрошувачката е зголемена и до 30%, но државата не планира да го ограничи точењето за странци. Покрај ова, зголемена е и побарувачката на авионско гориво. Од кај нас се снабдуваат неколку аеродроми во соседството.
Паралелно со најавите дека Европа може да се соочи со недостиг на керозин веќе следниот месец, земјава има резерви за 90 дена - далеку над тоа што го бара законот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
