„Везилка“ почнува со работа
„Везилка“ почнува со работа. Националната фабрика за вештачка интелигенција ќе користи ресурси на Европската Унија за развој на Вештачка интелигенција за потребите на државата.
Но, за сите чувствителни податоци на граѓаните ќе бидат користени локални ресурси тука во Македонија.
- Воглавно ќе се поврземе кон европската инфраструктура. Меѓутоа, добивме дозвола од ЕУ да направиме еден помал АИ кластер кај нас за работи и податоци кои природно не треба да излегуваат од државата, поврзано со одредени здравствени податоци, итн. Еден помал кластер со GPU ќе биде направен локално кој ќе служи за обработка за сите оние критични податоци за кои мора да се зачува приватноста, вели професорот Димитар Трајанов.
Една од првите задачи на „Везилка“ е дигитализација на текстови и записи на македонски јазик. Тие ќе треба да им помогнат на големите модели како тие на ЧетЏПТ, Џемини или Клауд, подобро да го разберат македонскиот јазик и со тоа да се подобри комуникацијата со нив на мајчин јазик.
Но моделите кои ги развиваат професорите од ФИНКИ во иднина ќе треба да го трансформираат здравството, енергетиката, јавната администрација и земјоделството.
- Амбициите се и практични и трансформативни. Во здравството таа ќе овозможи понапредна дијагностика и персонализирана медицинска нега. Во енергетиката ќе придонесе за попаметни мрежи, обновлива енергија, интеграција и превентивно одржување. Во земјоделието ќе им овозможи на земјоделците да донесат подобри одлуки и да ја подобрат одржливоста. Во јавната администрација ќе ги зајакне дигиталните услуги и ќе ја подобри ефикасноста за граѓаните, вели евроамбасадорот Рокас.
Везилка е првиот чекор за некаков обид за влез на Македонија во ерата на четвртата индустриска револуција. Ова е особено важно сега кога трката за доминација врз Вештачката интелигеција на глобално ниво се разгорува, главно по одлуката на Вашингтон да му наложи на Антропик да ги блокира своите најмоќни модели за луѓе кои не се државјани на САД. Што во суштина отвора пат за маргинализирање на помалите држави кои немаат доволен технолошки капацитет.
- Преку Везилка ќе добиеме пристап до европски суперкомпјутери, напредни податочни простори и современи алатки за развој и тестирање на модели на Вештачка интелигенција. Тоа значи дека нашите истражувачи, компании, стартапи, институции ќе можат да работат со инфраструктура која до вчера беше достапна само за најразвиените европски центри, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Освен за потребите на државните институции, Везилка ќе биде ставена во функција и за македонскиот бизнис кој ќе сака да развива Вештачка интелигенција.
- Преку овој Центар се отвораат нови перспективи за македонските истражувачи и универзитети, за стартап заедницата и за компаниите кои сакаат да развиваат производи и услуги со висока додадена вредност. Пристапот до европската инфраструктура за Вештачка интелигенција и до напредни суперкомпјутерски капацитети ќе овозможи идеи создадени овде да добијат можност да се натпреваруваат на европско и глобално ниво, вели премиерот Мицкоски.
Везилка е проект финансиран од ЕУ, вреден околу 6 милиони евра.
Паралалено со ова држава отвора пат за изградба на дата-центри низ државата. Но за нив ќе се бараат приватни странски инвеститори кои ќе ги користат ресурсите во овие објекти за сопствени потреби.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
