Верските лидери со заедничка осуда на обидот за палење на синагогата во Скопје
Верските лидери со заедничка осуда за обидот на палење на Синагогата „Бет Јаков“ во Скопје кој се случи ноќта помеѓу саботата и недела.
-Непочитувањето на светињата на другиот е непочитување на сопствената светиња. Затоа, во духот на заедништвото, меѓурелигиската соработка и взаемното разбирање, упатуваме повик до сите граѓани, да покажеме одговорност, разум и доблест и да останеме чувари на соживотот, вели директорката на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиските групи, Оливера Трајковска.
Полицијата сѐ уште трага по сторителите кои со кациги за мотор се прекачија преку оградата, истурија запаллива материја од канистер, па фрлија запаллива направа.
-Извршени се разговори со граѓаните од околината на објектот, прегледани се снимките од камерите на околните објекти, како и видео материјалот од системот Безбеден град. Се преземаат и дополнителни мерки и активности за утврдување на идентитетот на сторителите, вели портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Од Еврејската заедница се надеваат дека државата нема да дозволи нестабилноста од Блискиот Исток да се прелее и во Македонија. Кој би можел да стои зад нападот не знаат ниту од Еврејската заедница.
-Стало ни е да се фатат сторилите, меѓутоа мислам дека не е есенцијално. Есенцијално е да извлечеме поука од сетоа ова.Видете, ова е екцес кој не се случил од 1943 година. Не знаеме дали се терористи или се хулигани, или што и да се. Меѓутоа, факт е дека Исламска држава имаше проглас да за Велигден се палат верските објекти, христијанските верски објекти и еврејските верски објекти. Дали е тоа резултат на тој повик или нешто друго, полицијата ќе си утврди.
Реисот на Исламската верска заедница вели дека во нивните објекти не се пропагираат радикални исламистички учења.
-Јас зборувам за сите објекти кои се во рамките на ИВЗ. Сѐ што е надвор, ако има такви објекти, ние не сносиме никаква одговорност. Затоа треба внимателни треба да бидат самите државни институции, рече Поглаварот на ИВЗ, Реис Ул Улема Шаќир Фетаху.
Реисот сепак не одговори на прашањето на Сител, врз колку објекти ИВЗ нема контрола.
Македонија во моментот се соочува со два типа на радикализам - верски, каде најголем проблем во суштина се повратниците од боиштата во Сирија, околу 140 на број и етно-националистичкиот радикализам за кој државата повеќе внимание почна да обрнува по упадот во Собранието на 27 април 2017.
Во подготовка е Закон чијашто задача е токму борбата против радикализмот. Иако предлогот сѐ уште не е јавен, во план е по неговото донесување да биде формирана и единица, најверојатно во Агенцијата за национална безбедност чијашто задача ќе биде да детектира радикализирање во онлајн просторот.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
