Македонија
5. April 2023 - 19:56

Вечерва нови протести за смртта на малата Јана

Извештајот од стручниот надзор за смртта на 6 годишната Јана Христовска, никако да стигне до Обвинителството. Ако пред два дена здравствените власти најавија дека ќе го проследат до истражителите, денеска одлучија да чекаат официјален допис за обвинителот да ја добие деталната анализа.

-Извештајот е готов. Чекаме званичен допис од обвинителство и истиот ќе го доставиме, велат од МЗ.

5-члената Комисија од специјалисти констатираше дека нема пропуст во медицинскиот третман на девојчето кое почина само 5 часа по приемот во болница.

Причината за смртта треба да ја даде обдукцијата, но овој извештај се уште не е готов и со него треба да бидат комплетирани доказите во обвинителството. Наодот го чекаат и родителите кои не ја исклучија можноста да побараат и странска експертска помош.

Уште пред смртта на детето, од болницата во Битола укажаа на неоходноста од вработување на најмалку 100 здравствени лица. Но засега не е познато кога министерот за здравство ќе ја посети оваа установа како што вчера се прошета и се сликаше во тетовската и овој пат без присуство на медиуми.

Чекајќи ги извештаите, вечерва повторно ќе има мирен протест – Правда за Јана на плоштадот Магнолија. Граѓаните бараат оставки и реформи на здравствениот систем.