Македонија
19. May 2026 - 20:40

Усвоени законски измени за полиција, внатрешни работи и радиодифузија во Собранието

Собранието попладнево на 102. седница усвои повеќе предлог-закони по скратена постапка, меѓу кои измените на законите за основање на ЈП Македонска радиодифузија, за внатрешни работи, за полиција, како и измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски од собраниската говорница изјави дека како претходно кога се вршела брутална партизација на Министерството за внатрешни работи, да се носат луѓе од штаб на одговорни позиции, продавачи на кифли да се ставаат инспектори, „сега тоа нема да се прави, туку се формира средно полициско училиште“.

-Од каде што државата ќе ги црпи најдобрите кадри коишто веќе ќе бидат подгтовени за оној позив којшто значи полициска работа – нагласи Петрушевски од собраниската говорница.

Тој додаде дека сега граѓаните нема недостоинствено да чекаат колони редици за да извадат нормален пасош, туку законски, легитимно, за неколку дена се вадат документи. Петрушевски посочи и дека сега не се давале пасоши на криминалци.

-Сега Македонија е држава којашто има кредибилитет, углед – меѓународен – подвлече пратеникот.

Петрушевски истакна и дека сега немало да се дозволи криминалците да хараат по улиците низ државата, како што додаде – да има кокаин на секое место.

Пратеникот Антонијо Милошоски рече дека точките 13 и 14 ќе бидат разгледани кога ќе се создадат деловнички можности и ја прекина 102. собраниска седница.

Станува збор за точките 13 и 14 – Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај КфВ ИПЕКС-Банк ГмбХ (KfW IPEX-Bank GmbH), Банко Билбао Визкаја Аргентариа, С.А. (Banco Bilbao Vizcaya Argentaria, S.A.), Ерсте Гроуп Банк АГ (Erste Group Bank AG), АКА Аусфухкредит-Гезелшафт мбХ (AKA Ausfuhrkredit-Gesellschaft mbH) и Мерил Линцх Интернатионал (Merrill Lynch International) по Договор за заем за општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање на капитални расходи и рефинансирање на обврски утврдени во Буџетот на Република Северна Македонија, по скратена постапка и точката 14 – Годишен извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2025 година.

Воедно, денеска се одржа и 97. седница на која беа усвоени неколку предлог-закони од областа на образованието, сите по скратена постапка.

Пратениците го изгласаа Предлогот за изменување и дополнување на Законот за основното образование, со кој се врши усогласување со Законот за Националната рамка на квалификации, особено во делот на педагошката документација. Дополнително, измените предвидуваат и усогласување со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

Усвоен беше и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за образование на возрасните. Со овие измени се доуредуваат одредбите за трошоците поврзани со верификацијата на програмите и акредитацијата на давателите на услуги.

Согласно постојните решенија, трошоците за верификација на програмите паѓаат на товар на подносителот на барањето, додека трошоците за проверка на условите за акредитација ги сноси избраниот понудувач на услуги за валидација.

Со новите измени, Законот се усогласува со Законот за стручно образование и обука, земајќи ја предвид улогата на државните средни училишта – регионални центри за стручно образование и обука, кои вршат и образование за возрасни и валидација на неформално и информално учење.

Пратениците го усвоија и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за стручно образование и обука. Со овој закон се воведува нова одредба за утврдување на платите на директорот и заменик-директорот на Центарот за развој на стручното образование. Дополнително, се прецизираат категориите и нивоата на работните места на вработените кои обезбедуваат јавни услуги во Центарот, како и нивните плати.

 

МИА