Украина почнува преговори за членство во ЕУ, Македонија со препораки за промена на Уставот
Украина и Молдавија ги почнуваат преговорите за членство во ЕУ.
По долги и тешки разговори до доцна во ноќта, европските лидери постигнаа како што велат историска одлука. Кандидатски статус е доделен и на Грузија, а чекор поблиску до европското семејство е и Босна и Херцеговина.
Задоволен од разговорите излезе и шефот на европскиот совет, а белгискиот премиер утрово вели дека одлуката за Украина е гласна порака за Москва.
Сепак, одлуката за пристапни преговори со Украина беше донесена едногласно, но помеѓу 26 земји членки. Состанок го напушти унгарскиот премиер Орбан кој преходно се закани со вето за Украина. Бриселскиот портал Политико утрово пишува дека ваквиот исход се должи на стратегијата на германскиот канцелар.
По тричасовниот застој во разговорите според Политико Шолц му предложил на Орбан накратко да „си земе кафе надвор од просторијата“.
Но Орбан вели дека работата не е завршена, Унгарија ставила вето за нова финансиска помош од 50 милијарди евра за Украина, а нејзиниот пат до зачленувањето може да го блокира во било која фаза.
Унгарија не сноси никаква одговорност за ова, ние можеме да го запреме овој процес подоцна, а доколку е потребно ќе ги повлечеме сопирачките, а конечната одлука ќе ја донесе унгарскиот парламент“, вели Орбан
Одлуката на европскиот совет експресно ја поздрави и украинскиот претседател.
Историјата ја пишуваат оние кои никогаш не се уморуваат да се борат за слобода“, напиша Зеленски на социјалните мрежи
Одлуката за преговори со Украина и Молдавија е историска и според Стејт департментот.
САД продолжуваат силно да го поддржуваат процесот на проширување на ЕУ и со нетрпение очекуваме да ги поддржиме земјите-кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ додека тие продолжуваат со клучните реформи на патот кон членство во ЕУ“, се вели во нивното соопштение.
Двете земји за членство во Унијата аплицираа набрзо по стартот на руската возена инвазија, а кандидатски статус добија пред само 6 месеци.
Во завршните изјави по вчерашниот самит Макеоднија воопшто не беше спомената. И овој состанок за европските лидери за земјава заврши со препорака за побрзо носење на уставните измени
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
