Македонија
11. January 2023 - 16:38

Уапсен стружанецот кој со пушка убиваше бездомни кучиња

Шеесет и две годишно лице од струшко Ливада се сомничи дека со пушка во рок од половина час убил седум кучиња, .Тој бил повикан на разговор во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга и по целосно документирање на случајот како што велат од охридската полиција ќе биде поднесена соодветна пријава.

 -Тој се сомничи дека во периодот од 06.45 до 07.15 часот на улица „Владо Малески“ во Струга со огнено оружје усмртил седум кучиња скитници. Од него, одземена е ловечка пушка сачмарка калибар 16 милиметри за вештачење, информираат од СВР Охрид.

Во меѓувреме, здружението за заштита на животните, „Анима мунди“ заедно со независните активисти и љубители на животни, денеска упатија отворено писмо до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, откако, како што посочија, за помалку од 24 часа во Струга се убиени повеќе од дваесетина бездомни кучиња.

(„Полициските службеници при увид одбиле да повикаат јавен обвинител и одбиле да ги пратат лешевите на обдукција бидејќи била скапа.

При обдукцијата во ветеринарна станица во Битола, СВР Битола одбил да го преземе доказниот материјал – куршумите бидејќи не било нивна работа.

Како МВР планира да открие кои се каубојците во Струга кои искористиле цел арсенал муниција од кои седум куршуми во едно куче?“,) наведуваат од „Анима мунди“ во писмото до Спасовски.

Бројни реакции за убиените животни пишуваат и граѓаните. Го осудуваат чинот и бараат властите час поскоро да го решат проблемот со бездомните кучиња.