Уапсен поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски
Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, е уапсен, а во тек се претреси на повеќе локации. Ова следи по кривична пријава што Финансиската полиција ја поднесе во 2020 година против 11 физички и 14 правни лица, осомничени за злоупотреби во ФФМ со кои била предизвикана штета од околу 2,4 милиони евра.
„Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи спроведуваат координирана акција на повеќе локации во Скопје“, велат од ОЈО ГОКК.
Министерот за внатрешни Тошковски рече дека не може да открие повеќе детали затоа што акцијата е во тек.
Се огласија и од ФФМ.
„Според документацијата доставена до надлежните институции, вкупната штета нанесена на Фудбалската федерација на Македонија за периодот од јануари 2015 година до крајот на 2019 година изнесува повеќе од 2,5 милиони евра.
На крајот на 2025 година од Федерацијата беше побарана дополнителна документација, која во целост беше доставена до надлежното обвинителство на почетокот на 2026 година. Истовремено, со официјален допис повторно беше укажано на висината на утврдената штета и беа доставени дополнителни релевантни информации“, информираат од ФФМ.
Покрај Ѓорѓиоски, пријавени беа и тогашните раководители на финансии и сметководство и на Одделот за судии и судење, како и сопственици и управители на повеќе компании. Осомничените, според тогашното соопштение, се товарат за злосторничко здружување, перење пари, злоупотреба на службена положба, несовесно работење во службата, проневера, измама и фалсификување деловни книги.
Според Финансиската полиција, Ѓорѓиоски како претседател не извршил соодветен надзор, со што овозможил исплати од сметките на ФФМ кон повеќе правни лица врз основа на фиктивни фактури за услуги и стока кои никогаш не биле испорачани.
Во пријавата беше наведено и дека раководителката на финансии во периодот од 2016 до 2019 година злоупотребила службена кредитна картичка на ФФМ и за лични потреби потрошила околу 49.000 евра.
Дополнително, според наводите на Финансиската полиција, преку фиктивни фактури биле исплатени над 204.000 евра од сметките на ФФМ на штета на Федерацијата.
Неофицијално, денешната акција е продолжение на отворената истрага против поранешниот претседател на ФФМ Мухамед Сејдини, поради основано сомнение дека сторил кривично дело Проневера во службата.
Обвинителството за гонење организиран крминал и корупција најави повеќе детали за акцијата по нејзиното завршување.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
