Тошковски: Построги казни и зголемување на старосната граница за возење тротинет
Тринаесетгодишник од Кичево пред две недели заврши во болница откако со електричниот тротинет удрил во паркиран автомобил. Вчера, 55 годишна радовишанка изгубила контрола при управувањето на тротинетот и по падот и биле констатирани тешки повреди во болницата во Штип.
Во полициските билтени нема недела да не е евидентирана сообраќајна несреќа во која биле вклучени електрични тротинети а хирурзите веќе алармираа за сериозноста на повредите кои ги третираат во операционите сали. Министерот за внатрешни работи најавува построги казни но и зголемување на старосната граница.
-Имаме заострување на казнената политика и заострување на регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено кај најмладите заради тоа што статистиката, бројките, повредите, сообраќајните несреќи предизвикани од оние кои управуваат електрични тротинети, незаконитото управување по тројва, по двајца без носење на кацига и без никакви правила онака како што сме научени во минатото, остава сериозни последици, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
По сообраќајните несреќи со електрични тротинети, во ургентните центри завршуваат лица не само со скршеници туку и сериозни повреди на други органи кои мора да бидат оперирани.
Состојбата по улиците е загрижувачка а тоа го покажува и статистиката од МВР – за првите 4 месеци годинава регистрирале 27 сообраќајни незгоди со електрични тротинети, а меѓу повредените има и 12 годишни деца.
Сегашниот закон предвидува дека електричен тротинет не може да вози дете под 14 години и е забрането превезување на други лица. На терен сликата е поинаква а колку сегашните најави за законски измени ќе бидат ригорозни и применливи во пракса, ќе видиме откако стапат на сила.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
