Тошковски: По 30 години во Македонија повторно имаме државно Средно полициско училиште

По пауза од речиси три децении, денеска и официјално почна со работа новото државно Средно полициско училиште „7 Мај“, со што земјата повторно добива системски процес за образование на иден полициски кадар.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека овој ден претставува историски чекор за реформата и модернизацијата на полициските служби во државата.
-1 септември 2026 година, конечно, по 30 години од последниот упис во рамките на Средното полициско училиште во Македонија, имаме нова генерација идни полициски службеници, кои ќе имаат своја професија - полициски службеник во Македонија со завршено средно полициско училиште за две години од сега - изјави Тошковски.
Тој упати искрени честитки до сите новозапишани ученици што ја избраа, како што посочи, оваа одговорна и чесна професија.
-Нека им е честито на сите дечиња што се запишаа во рамките на Средното полициско училиште. Сигурен сум дека за две години од сега, со посветена и макотрпна работа, со трудот што ќе биде даден и од страна на професорите, и од страна на менторите, и од страна на сите оние едукатори коишто ќе бидат вклучени во процесот, а најмногу од страна на учениците, ќе можеме да се гордееме со нова бројка на полициски службеници коишто имаат завршено Средно полициско училиште - нагласи министерот.
Тошковски упати благодарност до сите институции и тимови кои работеа на реализација на овој проект изминатите две години.
-Нека ни е со среќа на сите. Огромна благодарност уште еднаш до сите оние коишто макотрпно работеа изминативе две години за денеска да го дочекаме и овој ден, после 30 години во Македонија повторно да имаме државно Средно полициско училиште - рече Тошковски.
Во однос на капацитетите, тој појасни дека првичниот план предвидувал прием на 200 кандидати, но поради огромниот интерес и потребите од реформи, бројката е зголемена.
-Сакам да ја информирам македонската јавност дека во рамки на овој прв уписен процес беа планирани да се примат 200 кандидати. Заради огромниот интерес којшто реално го имавме, одлучивме секој еден кандидат којшто ги исполнува елементарните услови за упис да биде примен, со што ги зголемивме капацитетите за 50 проценти - посочи тој.
Министерот истакна дека за оваа одлука била добиена целосна поддршка од Владата и од Министерството за образование и наука.
-Донесовме одлука на Влада, премиерот лично даде поддршка на сето ова коешто го тераме како процес, огромна благодарност лично до него и до министерката за образование којашто даде личен придонес во рамки на целокупниот овој процес, па дојдовме до бројката од 310 ученици коишто ќе бидат дел од училиштето - изјави Тошковски.
На конкурсот се пријавиле вкупно 510 кандидати, но Тошковски изрази загриженост поради малиот интерес од страна на кандидатите од малцинските заедници.
-Да, ме загрижува. Не само што нема интерес кај дечињата Албанчиња, нема интерес и кај дечињата коишто се од ромската, турската или од останатите заедници. Тука навистина мораме да се посветиме во иднина многу повеќе како да ги мотивираме да бидат дел од ова Средно полициско училиште - потенцираше Тошковски.
Тој изнесе и прецизни податоци во однос на бројот на аплицирани и примени ученици од помалите етнички заедници.
-Вкупно 43 деца од помалите етнички заедници се пријавиле на конкурсот од оние 510 што беа пријавени првично. Од нив, 31 кандидат беа Албанци. Согласно информациите кои ги имам, од нив се примени 11. Не е проблем во приемот, проблемот е во интересот и тоа мора да го решиме во иднина -објасни министерот.
Запрашан за причините зошто дел од кандидатите не биле примени, Тошковски демантираше дека пречка било непознавањето на македонскиот јазик и посочи дека станува збор за неисполнување на основните критериуми.
-Сите кандидати коишто не се влезени во фаза да склопат договори не ги исполниле основните елементарни услови. Најголемиот проблем беше со поведението – мора да имаат одлично поведение, не може да имаат недобро поведение или да бегале од часови. Вториот проблем беше со критериумот за висина - изјави Тошковски.
Тој најави дека за следните уписни рокови ќе се разгледа можноста за дополнително прилагодување на формалните критериуми.
Министерот порача дека фокусот на градењето квалитетен полициски кадар е од суштинско значење за сите граѓани во државата.
-Суштината е дали нас ни требаат полициски службеници Албанци, Турци, Роми, Власи? Да, ни требаат. Но пред сѐ, ни требаат чесни, професионални, посветени и едуцирани луѓе коишто си ја сакаат државата - подвлече тој.
Тошковски нагласи дека училиштето ќе претставува базен за професионализација на целата полициска структура.
-Ова Средно полициско училиште треба да биде токму тоа – еден базен којшто ќе треба да го даде максимумот во делот на професионален кадар којшто е нужен за Македонија - изјави министерот.
На крајот, тој потенцираше дека таквиот пристап е директно поврзан со европските интеграции и безбедноста на сите граѓани.
-Нашата цел е да имаме подобро едуцирана, подобро образована и поспремна полиција којашто ќе може да одговори на сите предизвици во интерес на сите граѓани. Само со таков пристап можеме да одиме напред- заклучи министерот.
МИА
Ново на Сител
-

Американската војска соопшти дека ги обновила нападите врз цели во Иран
-

Ердоган на средба со Путин порача дека односите меѓу Турција и Русија се на најнапредно ниво
-

Во Србија 18 заболени од западнонилска треска, седум повеќе од претходната недела
-

Сиднеј ја регистрира најтоплата зима откако се води евиденција
-

„Сејф сити“ почна да ги лови и мотоциклистите - Детектирани девет прекршоци уште на првиот ден
-

Скопската вода безбедна за пиење и со добар квалитет
-

Нема оштетување на таблата на македонската амбасада во Софија, велат од МНРиНТ
-

Татко баран со потерница за обид за убиство, на бугарска ТВ ја брани ќерка му на која ѝ се суди за смртна сообраќајка
