Тошковски: Организираниот криминал во затворите не е изолиран проблем - потребен е заеднички и координиран одговор

Организираниот криминал во казнено-поправните установи не смее да се третира како изолиран затворски проблем бидејќи криминалните структури може да продолжат да комуницираат, да влијаат и да ги одржуваат своите мрежи и по лишувањето од слобода, со последици врз интегритетот на институциите и ефикасноста на целиот систем на кривична правда - истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во обраќањето на регионалната конференција „Организиран криминал во затвори: Зајакнување на интегритетот, разузнавањето и соработката во Југоисточна Европа“, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на која учествуваат претставници на релевантни институции и експерти од земјите од регионот..
- Мораме отворено да ги препознаваме ранливостите. Пренатрупаноста, начинот на примена на притворот, недоволно развиените алтернативи, ризикот од регрутирање ранливи лица и можноста за коруптивно влијание создаваат простор кој криминалните структури го искористуваат. Истовремено, притисоците, заплашувањето и корупцијата може директно да ги нарушат интегритетот и отпорноста на затворскиот персонал. Овие предизвици се реални и не смееме да ги потцениме - рече Тошковски.
Тој потенцира дека интегритетот мора да биде една од темелните точки во справувањето со овој вид криминал преку јасни професионални стандарди, одговорно раководење, ефикасни механизми за проверка и спречување на корупцијата, како и институционална поддршка за службениците да може да се спротивстават на притисоците и влијанијата.
Како особено значаен сегмент го издвои и разузнавањето во казнено-поправните установи нагласувајќи дека навременото препознавање на ризиците бара квалитетни информации, добра анализа и ефикасна размена на информации меѓу затворските служби, полицијата, Обвинителството и другите надлежни институции.
- Ниедна од овие мерки не може да даде целосен резултат без соработка. Од превенцијата и истрагата, преку обвинението и судењето, до извршувањето на санкцијата - институциите мора да гледаат на криминалот како на заеднички предизвик. Само преку координирани оперативни механизми, ефикасна размена на информации, заеднички обуки и јасни процедури за заштита на интегритетот можеме да изградиме отпорни институции, кои ќе ги штитат и безбедноста и човековите права - порача Тошковски.
Осврнувајќи се на регионалната димензија, министерот посочи дека транснационалните криминални мрежи, коруптивните ризици, притисоците врз вработените и недостигот на ефикасна размена на разузнавачки информации се предизвици што не познаваат граници и затоа бараат координиран, интегриран и долгорочен пристап.
Тошковски ги поздрави иницијативата и улогата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во поттикнувањето на регионалниот дијалог и создавањето платформа за практична соработка и размена на искуства меѓу институциите и експертите и истакна дека МВР останува посветено на продлабочување на соработката со партнерите во регионот и размената на искуства и добри практики, со цел градење посилни институции, побезбедни казнено-поправни установи и поефикасен и поотпорен систем на кривична правда во Југоисточна Европа.
МИА
Ново на Сител
-

Четвртоодделенците во Аеродром и годинава добиваат таблети, првите 30 им ги врачија министерката и градоначалникот
-

13-годишникот кој прободе врсник во срцето не подлежи на кривична одговорност - 30 дена притвор за неговиот брат
-

Со симболично патување означен почетокот на Градскиот воз кон Зелениково
-

Миодраг Божовиќ – Гроф нов тренер на Вардар
-

Албанија го губи првото место во Европа по зголемување на туристичките ноќевања
-

Њујорк забрани користење на вештачката интелигенција во јавните основни училишта
-

Најбројна македонска репрезентација досега на Светското кикбокс првенство во Италија
-

Ѕвездата на Доли Партон на Патеката на славните оштетена неколку дена по нејзината смрт
