СЗО предупреди дека случаите на рак на глобално ниво би можеле речиси да се удвојат до 2050 година

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека бројот на нови дијагностицирани случаи на рак ширум светот секоја година би можел да порасне на 35 милиони, од 20,6 милиони во 2024 година, доколку земјите не преземат итни мерки.
Глобалниот извештај на СЗО за состојбата со ракот за 2026 година наведува дека 92 отсто од светската популација ќе биде засегната од рак во одреден момент од својот живот, било лично или преку близок член на семејството.
Извештајот ги нагласува изразените нееднаквости во откривањето и лекувањето на ракот ширум светот. Стапката на преживување на рак на дојка изнесува 85 проценти во богатите земји, во споредба со околу 40 отсто во посиромашните нации, според СЗО. Пристап до барем минимално лекување е достапен во само 39 отсто од земјите.
Многу дебати се фокусираат на новите технологии, новите опции за третман и новите надежи, изјави експертот на СЗО, Андре Илбави. Сепак, тој додаде дека ова не е реалност за многу луѓе ширум светот, кои и понатаму „се оставени на цедило“.
– Ракот е длабоко лична болест која нè допира речиси сите нас. Но, тоа дали некое лице ќе преживее рак никогаш не би смеело да зависи од тоа каде е родено или колку заработува – изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Дијагнозата на рак често предизвикува тежок психолошки стрес за пациентите и нивните семејства, но болеста е исто така и „водечки двигател на медицински банкрот“, се наведува во извештајот на СЗО. Во текстот се посочува дека повеќе од половина од пациентите и нивните семејства се соочуваат со катастрофални трошоци за здравствена заштита.
Меѓу главните фактори на ризик, пушењето е во опаѓање, при што 27 отсто помалку луѓе пушат цигари, пури или лулиња во споредба со 2010 година. Напредокот во намалувањето на консумацијата на алкохол е ограничен, додека дебелината и физичката неактивност продолжуваат да се зголемуваат.
– Главниот јаз повеќе не е јазот во знаењето, туку јазот меѓу она што го знаеме и она што го правиме – се заклучува во извештајот.
МИА
Ново на Сител
-

Зеленски: На состанокот со Трамп нагласена потребата од зајакнување на украинската ПВО
-

Европскиот парламент го критикува Зеленски поради спорот со Полска
-

Руте: Самитот на НАТО во Анкара беше „исклучително успешен“
-

Кремљ го поздрави укинувањето на суспензијата на Рускиот олимписки комитет
-

Приведен 40 годишник од Пробиштип кој со закани изнудил пари од 18-годишна девојка
-

СЗО предупреди дека случаите на рак на глобално ниво би можеле речиси да се удвојат до 2050 година
-

Кос, Јаневска и Сали во увид на реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“
-

Три случаи на семејно насилство во Штип, Свети Николе и Македонска Каменица
