Македонија
25. May 2026 - 16:44

Судството со 300 наместо потребните 456 судии, недостасува и администрација

На судската власт во Македонија и недостасуваат 154 судии. Според систематизацијата од судската мрежа во државата, потребни се 456 судии, а во моментов, пополнети се 302 судиски места.

Според анализата на Судскиот совет, не постои суд со целосна пополнетост. Тоа пак, според статистиката влијае врз бројот на решени предмети.

Последниот извештај кој се однесува на минатата година, покажува дека повеќе од половина од судовите во државата се неажурни, односно, не успеале да ги совладаат сите предмети кои ги имале во работа. Дел од адвокатите посочуваат дека недостигот влијае на зачестеноста на која се закажуваат судењата, но како што велат, поголем проблем е кусокот во судската админстрација.

Голем број од судовите подолг период работат со времено упатени судии, а таму, тешко се пронаоѓа и претседател. На последниот оглас, немаше пријавени за судовите во Берово, Делчево и Радовиш.

Недостигот, судски го покрива со делегирање на судии. На крајот од минатиот месец,  дури 12 беа упатени на времена работа во траење од една година во судовите во Кичево, Прилеп, Струга, Радовиш, Охрид.

Пополнувањето на испразнетите судиски места се прави единствено преку Академијата за судии и јавни обвинители, но во моментов таму не се обучуваат нови слушатели. Според последните најави, годинава е предвнидено вработување на околу 200 нови судски соработници.