Судење за „Пулс“: Дејан Јованов не ја дал на увид лиценцата за работа, а пристапот бил блокиран од возила

Сопственикот на кабарето „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, не им ја дал на увид лиценцата за работа на полициските службеници при контрола во 2023 година, а пристапот до објектот бил целосно блокиран од паркирани возила - сведочеше денеска самостојниот инспектор при Регионалниот центар за гранични работи Исток - Делчево, Деспина Симеонова, на судењето против деветтемина полициски службеници обвинети во врска со пожарот во кабарето „Пулс“.
Симеонова, која сведочеше во рамките на директното испитување од страна на Обвинителството, појасни дека во Министерството за внатрешни работи е вработена од 2001 година, а во текот на 2022 и 2023 година континуирано извршувала работни задачи како инспектор за странци опфаќајќи канцелариска и теренска работа.
Прашана за начинот на спроведување на активностите и соработката со другите служби, таа посочи дека кога работат пспоред Законот за странците, постапуваат само инспекторите за странци, а кога работат според оперативни планови, имаат заеднички акции со инспекторите од МВР, Пазарна инспекција, Труд и социјала...
-Кога работиме во нашиот дел, според Законот за странците, работата може да биде единечна и во тој случај постапуваме само инспекторите за странци. Кога работиме по оперативни планови, анекс-планови од МВР-БЈБ, тоа значи дека имаме заеднички акции со останатите инспекторати, со колеги од МВР, со Пазарна инспекција, Труд и социјала и други потребни инспектори кои се опфатени во тој оперативен план, зависно од потребите - посочи Симеонова.
Наведе дека проверките во Општина Кочани главно се вршеле во угостителски објекти, хотели, мотели, ноќевалишта и апартмани со сместувачки капацитети, со цел откривање нерегуларен и незаконит престој на странци.
Во однос на кабарето „Пулс“, Симеонова потврди дека во периодот од 2022 до 2023 година биле вршени контроли во повеќе наврати, но како што рече, секогаш во рамки на нејзината надлежност. По секоја извршена контрола бил изготвуван извештај, кој бил доставуван до Регионалниот центар за гранични работи Исток.
Контролите се одвивале во ноќните часови, првично од 22:00 до 03:00 часот, а подоцна од 23:00 до 04:00 часот.
За процедурата на евидентирање на неправилностите од страна на останатите присутни служби, Симеонова појасни дека секој оперативен план има одговорно лице коешто ја спроведува акцијата.
-Тој е задолжен по завршувањето да изготви извештај и да го достави до дежурната служба, односно полициската станица во Кочани. Претпоставувам дека ПС Кочани, по хиерархија на вработените, одговорниот треба да го препрати до СВР Штип - рече Симеонова.
На прашањето на Обвинителството за сообраќајниот пристап до кабарето и присуството на возила околу објектот, Симеонова сведочеше дека било сообраќаен хаос.
-Хаос е, со еден збор – не се поминува. Паркингот којшто се користи од хотелот во близина е преполн, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила - рече Симеонова.
Инспекторката детално го опиша и моментот кога од сопственикот на објектот била побарана документацијата за работа. Таа рече дека лиценцата била побарана во нејзино присуство од колегата Златко Кузмановски, кој бил одговорен за акцискиот план.
-На барање на колегата Златко Кузмановски, кој беше одговорен за акцискиот план, во мое присуство беше побарана лиценцата за работа на дискотеката „Пулс“. Од страна на сопственикот Дејан Јованов лиценцата не ни беше покажана, ниту дадена на увид, со објаснување дека е многу доцна да го бара книговодителот бидејќи не е во просториите на дискотеката и дека ќе ја донесе во понеделник. Тврдеше дека ги има поднесено документите за обновување на лиценцата за работа пред 15 дена во Скопје и тврдеше во тој момент дека лиценцата има важност до 31 март 2023 година. Од моја страна и од страна на колегата тоа беше нотирано во извештајот таа вечер - сведочеше Симеонова.
Судскиот процес против деветтемина полициски службеници продолжува со сослушување сведоци и изведување на материјалните докази предложени од Обвинителството.
МИА
Ново на Сител
-

Книжевен портрет на Атанас Крлевски в петок во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје
-

За 24 часа уапсени 5 возачи, четворица возеле без дозвола, додека една жена пијана предизвикала две сообраќајки
-

Пронајдена и казнета жената што со Порше фрлаше ѓубре во Лепенец – казнета и за непрописно паркирање
-

Викендов пресврт на времето, дожд и грмежи, потоа пад на температурите
-

Дедо од Кавадарци пронашол паричник па си пазарел со картичката како да е негова
-

Судење за „Пулс“: Дејан Јованов не ја дал на увид лиценцата за работа, а пристапот бил блокиран од возила
-

35-годишник почина откако го удрила струја додека миел автомобил со вап-машина
-

Вештачката интелигенција почнува да „делува сама“: OpenAI откри шест опасни случаи
