Странски работници без добиена дозвола ќе ги градат коридорите, обвинува опозицијата
Без багери, само со геодетски снимања и мерења утре почнува изградбата на Коридорите 8 и 10д врз основа на Договор со компаниите Бехтел и Енка.
Сепак, реализацијата на проектот стартува без изменетите закони, но и без информација од Владата и Министерството за транспорт од каде ќе почне изградбата на делниците. Надлежните велат вистинските градежни работи треба да се очекуваат на 12 мај.
Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите од опозицијата за спорни делови од Договорот. На изградбата на Коридорите, не само што 70 отсто од ангажираните работници ќе бидат странци, туку тие ќе можат да работат и без работна виза, тврди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски.
Тој на Фејсбук објавува наводни извадоци од Договорот што Владата го склучи со Бехтел и Енка за двете делници добиени од свиркачи.
Првиот е графикон, дел од план 11 од самиот Договор за тоа каков ќе биде интензитетот на ангажирани работници од дома и надвор додека трае проектот. Николоски тврди дека на овој начин ќе се одлеат многу домашни пари надвор од државата во услови на немаштија. Николоски цитирајки и дел од Договорот, тврди и дека Владата прифатила странците да работат на автопатите и додека чекаат работни дозволи и виза.
„А тоа значи дека можеби и нема да ги добијат. Затоа што е можно некој што има нечесни работи кон државата од безбедносен аспект, на пример. Истиот да се инфилтрира во државата, да работи шест месеци и по шест месеци, барањето за работна дозвола да му биде одбиено. А, во тие шест месеци можеме само да сонуваме какви безбедносни проблеми тоа лице ќе направи“, пишува Николоски.
Од владејачката СДСМ пак, велат дека самиот Закон за изградба на Коридорите го демантира Николоски, каде стои дека „Стратешкиот партнер ќе користи најмалку 51% на локални ресурси“.
„Проекциите со кои се обидува да спинува Николоски секогаш зависат од расположливите ресурси, но Законот е јасен. Тоа значи дека ако нашата земја има доволно локални ресурси односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51%. Во член 13 пак, во став 1 јасно стои дека ангажираните работници мора да имаат потребни дозволи за престој и работа и согласно овој специјален Закон точно е утврдена оваа процедура односно она што стои во Договорот е согласно со законот“, пишуваат од СДСМ.
По прозивките на власта и опозицијата вчера со став излегоа и од американската амбасада. Тие за МИА велат дека целосно ги поддржуваат инвестициите, но и дека не се работи за проект на американската влада, па Амбасадата немала место на преговарачката маса.
„Јасно кажавме дека доколку постојат прашања за несоодветни постапувања во овој или кој било друг случај на владини набавки, тие треба да се истражат. Бехтел-ЕНКА успешно договори и реализираше неколку големи проекти низ Западен Балкан“, посочуваат од американската амбасада.
Владата вчера соопшти дека покрај на Обвинителството, Договорот ќе го презентира и на пратениците што имаат безбедносен сертификат имајќи предвид дека договорот е класифициран како државна тајна.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
