Стартуваше скринингот за Македонија во Брисел
Македонија во Брисел го стартуваше објаснувачкиот скрининг.
Состаноците во зградата на Европската комисија денеска се посветени на јавните набавки, кои се дел од првиот и најважен кластер. Според новата методологија на преговори, токму овој кластер во кој спаѓаат поглавјата за правда и судство, се отвора прв, а се затвора последен.
Токму затоа, македонскиот тим експерти од Европската комисија доби порака дека овие прашања ќе се следат со внимание, а државата мора да се посвети на искоренување на корупцијата.
Македонскиот експертски тим го предводи вицепремиерот Маричиќ, кој денешниот ден го оцени како историски, но вети и многу напорна работа.
Електронскиот систем за јавни набавки функционира ефикасно, рече Маричиќ, а веќе е подготвен и законот кој треба да овозможи ефективни јавно-приватни партнерства.
Преговорите ја прават и ја трансформираат државата на подобро. После 17 години чекање имаме историска шанса да обезбедиме европска иднина за граѓаните и Северна Македонија. Со почетокот на скринингот навлегуваме подлабоко во процесот на реформи, кои вклучуваат имплементација на европски регулативи и придонесуваат за европеизација на општеството и европско функционирање на државата, рече Маричиќ
Веќе утре преговарачките тимови заминуваат за Луксембург каде состаноците ќе се фокусираат на поглавјето Статистика.
Скенирањето на државата треба да заврши до крајот на наредната година, до кога Македонија треба да го промени Уставот за да ги внесе Бугарите. Без нив, Унијата јасно стави до знаење дека европската интеграција на Македонија нема да напредува.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
