Спор меѓу Вашингтон и Рим по изјавата на Трамп дека Мелони го „молела“ заедно да се сликаат

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани ја откажа планираната посета на Соединетите Американски Држави, по дипломатскиот спор меѓу Вашингтон и Рим, предизвикан од изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека италијанската премиерка Џорџа Мелони го „молела“ заедно да се фотографираат за време на самитото на Г7 во Франција.
-Грубите и навредливи зборови на претседателот Трамп упатени кон премиерката Џорџаа Мелони ја навредуваат цела Италија. Поради оваа причина, решив да ја откажам мојата посета на Соединетите Американски Држави, закажана за 21-22 јуни“, напиша Тајани на X, кој во Мајами требаше да има средба со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Најновото влошување на односите меѓу некогаш блиските политички сојузници и понатамошниот раскол меѓу САД и нивните европски партнери, доаѓа само неколку дена по знаците за ублажување на тензиите на самитот на Г7 во Франција.
Во интервју за италијанската телевизиска станица La7, Трамп изјави дека Мелони го „молела“ за фотографија со неа на самитот и дека тој се согласил само затоа што му е жал.
-Ме молеше да се фотографирам со неа. Толку многу сакаше да се фотографира со мене. Не би го направил тоа, но ми беше жал, рече Трамп.
Мелони ги отфрли тврдењата во видео порака со остар тон.
-Тврдењата на Доналд Трамп се целосно измислени. Искрено сум згрозена. Не знам зошто претседателот на Соединетите Американски Држави се однесува вака кон своите сојузници, а ова не е прв пат тоа да се случи. Можам само да кажам дека е штета што тој не покажува иста решителност кон непријателите на Западот и непријателите на Соединетите Американски Држави, кон лидерите кон кои се чини дека е многу поблаг. Но, мора да запомните едно нешто: Италија и јас никогаш не молиме, рече Мелони во видео порака на Х.
Тајани требаше да отпатува во САД на почетокот на следната недела за да учествува на Италијанско-американскиот форум за бизнис, инвестиции, наука и иновации во Мајами.
Според соопштението од американскиот Стејт департмент, Рубио требаше да се сретне со својот италијански колега за да се унапреди билатералната соработка во областа на економската безбедност и критичните суровини. Освен посетата на Тајани, откажан е и форумот.
Ова не е прв судир меѓу Трамп и Мелони. Порано оваа година, италијанската премиерка, кој е од десничарскиот политички спектар, ги нарече критиките на Трамп кон папата Лав XIV за неговото противење на војната против Иран неприфатливи.
Потоа Трамп ги критикуваше Мелони и Италија воопшто за она што го нарече недоволна помош за Соединетите Држави за време на конфликтот во Иран.
Мелони долго време се сметаше за најсилен сојузник на Трамп во Западна Европа, но нивниот однос беше затегнат откако таа одби да ја вклучи Италија во војната против Иран.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски денеска на средба со ЗНАМ, реконструкцијата готва до 1 јули
-

Уметници од Mакедонија, Бугарија и Грција вечерва во изведба на “Кармина Бурана” во Скопје
-

Мицкоски најави нова средба со маркетите за пониски цени на храната
-

Прилеп доби 8.320 канти и 126 контејнери за селекција на отпад како и 3 нови возила за собирање на отпад
-

Импортиран случај на зика во земјата, заболениот Македонец бил на Малдиви
-

Во Преспа се одржа трката „Prespa run and fun“, спортски настан чија цел е промоција на овој крај
-

Тешка сообраќајка со 10 повредени
-

Oхрид доби културен информатор
