СП 2026: Шпанија во судиското продолжение ја совлада Португалија за четвртфинале

Европскиот првак Шпанија ја продолжи серијата победи без примен гол на Светското првенство и со триумф вечерва во судиското продолжение над Португалија во Далас со 1-0 се пласираше во четвртфиналето.
Победата на Шпанија ѝ ја донесе Микел Мерино во првата минута од судиското продолжение, само шест минути откако влезе на теренот на местото на Дани Олмо.
Првото полувреме изобилуваше со шанси за гол на двете страни. Шпанија прва се закани во 3. минута кога Микел Ојарзабал шутираше откосо, а голманот на Португалија Диого Кошта одбрани.
Португалија возврати четири минути подоцна кога Жоао Кансело упати силен удар откосо од десната страна, но топката заврши над голот.
Минута подоцна во шанса повторно се најде Ојарзабал, а португалскиот голман во 16. минута имаше двојна одбрана по ударите на Ламин Јамал и Алекс Буено.
Завршницата на првото полувреме донесе две шанси за водство на Португалците. Најпрво шпанскиот голман Унаи Симон го одбрани ударот на Кристијано Роналдо во 37. минута, а одбиената топка по ударот на Нуно Мендеш во 41 минута заврши во гредата и се одби во поле.
Второто полувреме беше оскудно со шанси за гол и кога натпреварот се приближуваше до продолженијата, Феран Торес и Микел Мерино кои шпанскиот селектор Де ла Фунте ги внесе во игра во завршницата го креираа победничкиот гол.
Се играше првата минута од судиското продолжение кога по неколку кратки додавања, Фабијан Руиз го пронајде Торес, кој му ја додаде топката на Мерино, а фудбалерот на Арсенал втрчувајќи од втор план во шеснаесетникот ја смести топката зад португалскиот голман.
Португалија до крајот на натпреварот се обиде да го избегне поразот, но ударите со глава на Бернардо Силва и Жоао Невеш за неколку сантиметри завршија покрај голот на Шпанија.
Ова веројатно беше и последниот натпревар на светските првенства на Кристијано Роналдо, кој вечерва го одигра целиот натпревар за Португалија.
Шпанија вза противник во четвртфиналето ќе го има победникот од дуелот помеѓу САД и Белгија.
МИА
Ново на Сител
-

Ставен под контрола пожарот кај Црник
-

Шпанската полиција заплени 1,5 тони кокаин, меѓу уапсените е и еден хрватски државјанин
-

Пезешкијан: Меморандумот за разбирање со САД е најдобриот начин да се реши војната
-

Ангелов: Попладнево активни повеќе од 15 пожари, два од нив загрозуваат и населени места
-

Украина и Финска потпишаа договор за производство на дронови
-

Арагчи: Новите американски санкции се знак на очај и нема да го скршат Иран
-

Американските авиони поради кои Техеран и се закани на Софија ја напуштија Бугарија
-

Путин: Глорификацијата на нацизмот и неонацистичката идеологија е во темелите на модерната украинска државност
