Македонија
6. July 2026 - 16:34

Сопственикот на „Пулс“ имал дојави за контроли од полицајци и инспекциски служби

Сопственикот на дискотеката „Пулс“ во која загинаа 63 лица, бил во редовна пријателска комуникација со инспекциските служби и полицијата.. Ова го откриваат пораките од телефонот на Дејан Јованов, кои денеска беа презентирани во судницата во Идризво. Тој редовно добивал дојави кога ќе има полициска рација во дискотеката и што ќе се контролира, а според пораките, Јованов бил во блиска комуникација и со вработени од министерството за економија кое ја потпишува лиценцата за работа, како и вработени во УЈП. Во контактите на телефонот, покрај името ја запишувал и функциајта на лицата, па така според презентираните пораки, Јованов водел комунијација со „началничка“, “инспекторка“, „полицаец“. 

Телефонот на сопственикот на Пулс, открил и комунијација со лица со кои во моментов ја дели обвинителната клупа. Службеникот од економија, Џеваир Камбери во телефонот на Јованов бил запишан како Вили а според пораките се договараат да ја завршат како што беше кажано во судницата, „Онаа“ работа, без дополнително објаснување на која околност се водел разговорот. Потоа беше презентирана и уплатница на 226 илјади денари за наводен поткуп, а според пораката, Камбери му вели на Јованов, толку колку мислиш дека сум заслужил.

Во судницата беа презентирани и пораки од ноќта на 16 март, кога Јованов од својот син добива порака дека има рација во локалот Булевар од полицајци од Радовиш, кои како што напишал, не се „наши“, и дека ќе дојдат во дискотеката.

Додава и дека Пулс е полн со малолетници и треба да се испразни.

Пораките, според Родителите на загинатите деца, отворале нови сомнежи, па прашуваат дали „Пулс“ работел под постојана институционална заштита?

Беа презентирани и пораки кои ги разменувале членовите на обезбедувањето после пожарот, а во една од нив обвинетиот Мартин Георгиев напишал дека задната врата била нефункционална и половина час се обидувал да ја отвори удирајќи ја со метална маса.