Собранието во вторник потврдува 7 амбасадори меѓу нив и оние во Израел, Кина и Германија
Воениот конфликт во Израел и појасот Газа ја поттикна Владата да ја забрза процедурата за избор на амбасадор во Тел Авив. Македонската амбасада во израелскиот главен град без прв човек е од март 2018 година, односно повеќе од 5 години. Работите таму ги извршуваше секретарот на амбасадата преку кој минатата недела одеше и извлекувањето на неколку стотина македонски државјани што беа заглавени по првите напади на Хамас врз Израел.
Предлогот веќе е стигнат во парламентот. За амбасадор се предлага Шпенд Садики од редот на професионалните дипломати од МНР.
Садики е меѓу 7 предлог-амбасадори што ќе даваат експозе пред собраниската комисија за надворешни работи, што е последен чекор пред да заминат во дипломатска мисија.
Меѓу имињата се и поранешни владини функционери, како Тупанчевски и Жерновски. Едниот заминува за Белград, а другиот за Букурешт. Претседателот на собраниската комисија Милошоски вели процедурата ќе биде завршена брзо бидејќи Владата предолго оставила клучни амбасади празни.
Нов Амбасадор во Пекинг, каде амбасадорскот место исто така подолго време е празно, ќе биде Сашко Насев, актуелен директор на Културно информативниот центар во Софија. Амбасадор ќе добиеме и во клучната држава од ЕУ Германија, во Берлин заминува Илбер Села, сегашен директор на Агенцијата за малцински јазици. Во Полска пак, заминува пефесионален дипломат – Јасмин Ќахил.
Но, освен изборот на амбасадори, парламентот до крајот на годината предизборно ќе пополнува и други функционерски места. На седницата на 2 ноември треба да се распишат огласи за нова антикорупциска комисија, чиј мандат завршува. Тогаш ќе се распише и огласот за нов член на Државната изборна комисија што треба да дојде од редот на албанската опозиција.
До средината на месецот ќе се распише и огласот за нов јавен обвинител бидејќи мандатот на Јовески завршува на 25 декември.
Со оглед на темпото на работа и сложените постапки, изборот на дел од овие функционери многу е веројатно да биде направен пост изборно.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
