Македонија
28. April 2026 - 16:36

Со статистика и без одговори одбележан Светскиот ден за безбедност при работа

Со подготвена статистика, но без желба за прашања. Директорот на инспекторатот за труд, Гани Максути, се појави на одбележувањето на Светскиот ден за безбедност при работа, но ги избегна новинарите. Само пет дена по трагедијата во Кисела Вода кога работник трагично го загуби својот живот на градилиште, првиот човек на инспекторатoт одби да даде изјава поврзана со случајот.

„Тоа што директорот прв отиде на увид, а сега не сака да даде изјава ќе биде една црна дамка врз целиот случај кој, не сакам да прејудицирам пред време, не сум ниту полиција, ниту обвинител, но не сакам да помислам дека ќе заврши на штета на работникот или на неговото семејство“, рече Иван Пешевски, претседател на синдикатот на градежништво. 

По само неколку минути, Максути од говорница, без воопшто да го спомне овој случај, прочита дека лани биле спроведени над 26 илјади инспекциски надзори, од кои речиси половина во областа на безбедноста при работа. Инспекторатот регистрирал 2.036 потешки повреди, пет колективни несреќи и осум смртни случаи.

„Компаративно со податоците за 2024 година имаме намалување кај повредите при работа со смртни последици. Тоа е 13 во однос на 8, значи минус 5 смртни случаеви“, истакна тој.

Но, колку овие бројки ја отсликуваат реалноста?

„Неофицијалните податоци зборуваат за повеќе од четири пати смртни случаи во 2025 година. Дали тоа значи дека доволно сме се посветиле во работењето? Безбедноста и здравјето при работа не смее да биде тема и наслов само кога ќе се случи трагедија и кога ќе ни загине работник. Безбедноста и здравјето при работа е област којашто не трпи импровизации, политиканство, суети“, кажа Јасмина Чалоска, претседателка на советот на БЗР.

Првиот човек на Сојузот на синдикати, пак, побара минута молк за сите загинати работници. Тој ја отвори и дилемата за одговорноста, оценувајќи дека во пракса често „жртвата станува виновник“, наместо системот да ги санкционира пропустите.

„Вашето одење на работа, поздравувањето со вашето семејство може да ви биде последно. Тоа беше случај пред неколку денови за еден работник. Денеска во Македонија за жал животот чини помеѓу 5 и 10 илјади евра кога ќе починете, а кога работите – далеку помалку“, вели претседателот на ССМ, Трендафилов. 

Во петокот еден работник загина, а четворица беа повредени откако вез нив се излизгало земјиште, додека копале јама за темели. Градењето сега е запрено додека не заврши истрагата. На терен е дозволена само санација на штетата за да се спречи дополнително лизгање на земјиштето кон околните објекти.