Македонија
21. јуни 2023 - 19:17

Со препишување од мобилен до место во јавната администрација

„Реформа на администрацијата“ е фраза која најчесто ја слушаме пред избори или при избор на нов министер, особено што тие се менуваат речиси секоја година. Но како да направиме реформа на администрацијата, кога уште при изборот на кандидати за работа на државно на некои кандидати им е дозволено да полагаат со мобилен телефон?

Васко Петрушев аплицирал за вработување во Агенцијата за електронски комуникации заедно со уште 38 други кандидати. Само тројца, меѓу кои и тој имале имале уредни апликации. Ја поминал првата фаза, па требало да го полага Испитот за државен службеник во Агенцијата за администрација. Петрушев вели дека еден од кандидатите извадил мобилен телефон и препишувал, но тоа не било доволно за Комисијата да реагира.

-Јас во неколку наврати реагирав. Го посочив лицето коешто користи мобилен телефон, но тие не изреагираа на тоа и не го отстранија лицето согласно Законот, вели Петрушев.

Поднел жалба до Агенцијата за администрација, но таа веднаш му била отфрлена. Поради тоа, правдата се обидел да ја побара преку Јавното обвинителство. Поднел кривична пријава до членовите на Комисијата и во неа ги опишал неправилностите за време на полагањето, како користење на мобилен, отсуство на Претседателот на комисијата, разговарање, доцнење на кандидати на кои им било дозволено да полагаат...

Бидејќи полагањата се снимаат или би требало да се снимаат и чуваат две години од денот на одржување на испитот, побарал од ОЈО да ја прегледа снимката како клучен доказ. Но од ОЈО добил само решение за отфрлена кривична пријава.

-Во ова решение со што ми се отфрла мојата кривична пријава, иако на 9 страници се образложуваат сите други моменти што се случуваа, во ниту еден момент не е спомната снимката којашто е главниот доказ во овој процес. На снимката можеме да видиме дали конкретниот кандидат којшто јас го посочив користел мобилен телефон или не, и дали одговорните лица за спроведување на тој испит, на мојата реакција постапиле или не.

Јавното обвинителство предвид го земало само Записникот на членовите на Комисијата.

-Во ова решение ОЈО се фаќа со тоа што, во Записникот, по спроведеното интервју не било заведено никакво нетолерантно однесување од страна на некое лице. Но, како ќе биде заведено во некој записник кога самите одговорни лица не постапија? Тие не постапија и тоа не може да биде заведено, вели Петрушев.

Петрушев сега ќе поднесе жалба до Вишото Јавно обвинителство во кое ќе бара да се обезбеди снимката од полагањето и тоа да биде клучен доказ против членовите на Комисијата. А случајот ќе го пријави до релевантните амбасади во земјава.

Го прашавме ОЈО зошто не ја побарале снимката на увид, но до подготовка на прилогот одговор не добивме.

Во знак на револт, Петрушев на интервјуто од третата фаза одбил да одговара на прашањата бидејќи смета дека бил дискриминиран со тоа што други кандидати биле привилигирани и на тој начин добиле и повеќе поени.