Со прекуграничен проект се обезбедува нова опрема за итната медицинска помош во Југоистокот
Со финансиска поддршка од Европската Унија, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе работи на унапредување на системот за итна медицинска помош во Југоистокот од државата.
Подобрување на условите за итна медицинска интервенција и зголемување на подготвеноста за справување со срцеви итни случаи е во фокусот на проектот „Прекугранична област, безбедна за срцето“.
Проектот е дел од прекуграничната соработка помеѓу Македонија и Грција и чини нешто повеќе од 1,2 милиони евра. Преку него треба да бидат набавени неколку амбулантни возила, дефибрилатори и ЕКГ апарати.
Според директорот на Центарот, Јован Коцев, проектот треба да придонесе за унапредување на системот за итна медицинска помош во здравствените установи во Југоисточниот регион.
Во рамки на активностите предвидени се и 60 обуки за укажување прва помош со користење дефибрилатори. Обуките ќе опфатат медицински персонал, вработени во институции и граѓани.
Центарот за развој на Југоисточниот плански регион овој проект го реализира во соработка со болницата „Ахепа“ од Солун и Друштвото за итна претхоспитална нега од Грција.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
