Снимки од заѕиданите пари: Обвинителството ги откри врските Ристов–Стафа–Пецов
Обвинителството ги покажа снимките од заѕиданите пари на апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Вкупно 350 илјади евра, распоредени во 13 пакувања и завиткани по должина во форма на прачки, полицијата ги пронашла на спратот од семејната куќа на неговите родители во Неготино. Снимките кои денеска беа презентирани во судница, покажаа дека парите биле сокриени во дното на ѕидот од кујната.
Бункерот го издале непрофесионално залепените плочки. Парите прво се гледаат ендоскопски, а за да ги извадат, истражителите со чекан уриваат дел од ѕидот во должина од околу половина метар.
Со снимките од апелацискиот суд и зградата во Скопје каде живее Ристов, обвинителството ги покажа врските кои судијата ги имал со адвокатот Фехми Стафа кој веќе призна дека зел поткуп од својот клиент Љупчо Пецов – ѓаволот за тој да не добие притвор. На видеата се гледаше дека Стафа бил чест гостин во канцеларијата на судијата Ристов, а се среќавале и пред зградата во која живее.
Обвинителството понуди и судски одлуки за да докаже дека судијата Ристов работел предмети во кои бил обвинет Пецов – Ѓаволот. Во меѓувреме, апелацискиот судија со банкарски кредит купил и стан во Охрид од фирмата на Пецов.
Обвинетиот судија, негираше дека тој го користел домот во Неготино. Рече дека во просторот доминирале фотографии од неговиот брат и семејството. Претходно пак, обвинителката појасни дека при претресот, нивниот татко кажал дека на спратот од куќата каде беа пронајдени парите, престојувал, судијата Ристов од Скопје.
Одбраната реагира на начинот на кој се одземени и предавани парите. Тврдат дека биле контаминирани со туѓи отпечатоци. Не гледаат проблем што обвинетиот судија се познавал со Стафа и Пецов.
„Ние сме нација која се познава меѓу себе, многу малку луѓе сме. Дека преку познатството со Љупчо Пецов и со Фехми Стафа, сторил кривично дело затоа што ги познава? Ние, во листата на докази ги предложивме и Стафа и Пецов кои ќе дојдат па ќе ги чуете“, изјави Ѕвонко Давидовиќ, Адвокат на Ѓоко Ристов.
Судијата Ристов е обвинет за незаконско стекнување имот и перење пари. Се најде под истрага откако адвокатот Стафа беше фатен со поткуп од семејството на Пецов, а парите требало да ги добие обвинетиот судија.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
