35 години независна Македонија, пораки за обединување и нова визија
Верувајте во нашата татковина, не затоа што е совршена, туку затоа што е наша и затоа што можеме да ја направиме подобра. Премалку сме да се делиме. Затоа 8 Септември е повеќе од празник на независноста - ден кога рековме дека повеќе нема да чекаме некој друг да ја пишува нашата историја, туку дека ќе го земеме перото во свои раце, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на централната манифестација „Силно светнал ден“.
Порача оваа годишнина да биде пресвртница и упати порака за обединување. Нагласи дека нашата национална амбиција во следните триесет и пет години не смее да биде само да опстоиме, туку и да успееме.
-Мицкоски со порака и до оние кои како што вели се подготвени да сè што е заедничко за да добијат нешто за себе. Ако државата го наградува талогот, тогаш талогот неизбежно ќе стане елита, порача Мицкоски.
Државниот врв со честитки по повод Денот на независноста. Претседателката Гордана Силјановска Давкова порачува дека независноста не е завршено историско дело, туку трајна обврска на генерациите.
-Додека го славиме големиот ден, уште еднаш констатираме дека изминатите три и пол децении се соочивме со тешки искушенија, блокади и двојни стандарди, коишто стимулираа несакани внатрешни процеси и проблеми…Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата. Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани.
-Во темелите на нашата држава секогаш треба да стојат еднаквоста и чувството дека секој граѓанин има свое рамноправноместо во државата, стои во честитката на собранискиот спикер Африм Гаши.
Опозицискиот лидер Венко Филипче во пишаната порака до граѓаните вели дека Нашата генерациска задача е да изградиме европска држава во која младите ќе сакаат да останат.
-Тоа е нашата генерациска задача. Да ја продолжиме македонската државотворна линија – со заедништво, со достоинство, и со јасна визија за иднината во Европа. Затоа што Македонија е сè што имаме, пишува Филипче.
Како дел од активностите за одбележување на независноста, државни делегации, дипломатскиот кор и граѓани се поклонија и положија свежо цвеќе пред вечните почивалишта на Глигоров, Кљусев и Трајковски.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
