Следуваат законски измени за построги казни за возачите на електричните тротинети
Заострени казни за корисниците на електични тротинети. По серијата зачестени сообраќајни несреќи кои резултираат со повредени тинејџери и млади лица, властите ги менуваат правилата.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се предвидува заострување на казнената политика и регулативата за користење електрични тротинети, соопшти првиот човек на МВР.
- Имаме заострување на казнената политика и заострување на регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено кај најмладите заради тоа што статистиката, бројките, повредите, сообраќајните несреќи предизвикани од оние кои управуваат електрични тротинети, незаконитото управување по тројца, по двајца без носење на кацига и без никакви правила онака како што сме научени во минатото, остава сериозни последици, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Во измените се предвидува и зголемување на старосната граница на оние кои управуваат тротинет. Во актуелниот закон е наведено дека електричен тротинет не може да вози дете под 14 години и е забрането превезување на други лица.
Граѓани со поделени мислења. Младите велат дека е корисно превозно средство, а повозрасните бараат да се забранат за да прекинат младите да прелетуваат на коловозите.
Експертите ценат дека во законските измени треба да има ограничување на брзината, а потребна е и едукација за младите за како правилно да управуваат за да се намали бројот на сообраќајки.
Од МВР потенцираат дека работната група група ја заврши подготовката на предлог-измените и дополнувањата на соодветните законски одредби.
- Подготвените предлог-решенија се доставени до пратениците во Собранието по што се очекува истите да бидат ставени на дневен ред за разгледување и понатамошна постапка. При изготвувањето на предложените измени беа земени предвид препораките и добрите практики во оваа област, компаративните искуства од други држави, како и предизвиците со кои се соочуваме во домашни услови, велат од МВР за Сител.
Статистиката на МВР покажува дека во првата половина на 2026-та има над 30 сообраќајки со електрични тротинети. А од минатиот месец на терен има и засилени полициски контроли.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
