Македонија
20. December 2023 - 16:37

Скопје меѓу топ 10 најзагадени градови во светот

Скопје утриунава повторно се најде на листата на топ 10 најзагадени градови во светот според платформата АЈ-кју-ер. Традиционално и ова декемвриско утро, скопјани се разбудија во метропола завиткана во густа магла и смрдеа.

Иако мерните станици на речиси сите апликации покажуваат дека во скопките населби воздухот е штетен за дишење, според град Скопје станува збор за лажни вести и пласирање сензанционалистички лаги, во време кога традиционално започнала грејната сезона.

Неразбрлива е за нас потребата од пласирање на сензационалистичката лага за наводна загаденост на градот Скопје, особено поради фактот што светскиот мониторинг сервис „WAQI“ кој во реално време ги покажува податоците за нивото на загаденост во сите градови во светот, јасно покажува дека Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот. Дополнително и на националните мерни станици се потврдува истото.

Како најзагадени градови во Македонија во последните 48 часа се Кавадарци, Струмица и Тетово.

Но и од Апликацијата која ја посочуваат од градот, може да се се забележи виолетовата боја во поголемиот дел скопски населби, што означува колку е штетен воздухот во Скопје.

Загадениот воздух во главниот град на Македонија е горлива тема за која со години наназад не се наоѓа решение. Во вакви случаи останува граѓаните сами себе да се заштитат, а докторите велат најдобро е граѓаните само кога е неопходно да излегуваат од дома, за да не го дишат токсичниот воздух.

Оваа недела пристигна и предупредување од Енергетската Заедница, за Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, дека веќе 5 години ги кршат прописите со кои се обврзаа да го ограничат загадувањето на воздухот од термоелектраните.

Сараево пак денеска беше на врвот на листата на најзагаден град во светот, а сите меѓународни летови од аеродромот беа откажани поради густата магла.