Скопје чека ЕУ и Софија да се усогласат за францускиот предлог
Македонските позиции се веќе утврдени и се однесуваат на тоа дека македонската страна ќе се произнесе за францускиот предлог и за заклучоците од француското претседателство во делот што се однесуваат на почеток на преговорите на Македонија дури откако ќе се усогласат ставовите на ниво на Европска Унија, односно согласност за ваквите предлози ќе дадат 27 држави членки на унијата вклучително и Бугарија.
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи не сакаше да ги коментира оние предлози кои веќе циркулираат во јавноста како дел од францускиот предлог. Вели ќе го сочека прво ставот на Бугарија и се она што ќе се случува во бугарското собрание пред да даде некаква изјава дали ова што излегува како документ е прифатливо за македонската страна или не. Вели дека коментарите од опозицијата се само во функција на прибирање на политички поени.
Претходно и премиерот, Димитар Ковачевски јасно посочи дека не се работи за предлог којшто е доставен до македонската страна и дека сепак се работи за предлози кои циркулираат внатре во унијата, но малку попрецизен беше од Османи коментирајќи дека македонските позиции веќе се утврдени а тоа е дека нема преговори за македонскиот јазик, историја и македонскиот идентитет.
На Преспа форум дијалогот прашањето околу интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ го зазеде и централното место на коешто коментираа повеќе државници кои беа присутни на форумот изминатите два дена. Тука беа и голем број на европски дипломати како и заменик помошникот државен секретар на САД задолжен за Европа и регионот, Ескобар којшто посочи и испрати порака до унијата дека мора да се почнат преговорите за Македонија и Албанија бидејќи тоа ќе значи напредок на целиот регион.
Интеграцијата на Западен Балкан како неопходна беше посочена и од српската премиерка, Брнабиќ која утринава го отвори заедно со македонскиот премиер панелот на којшто се зборуваше што по војната во Украина и дали ЕУ по Римските договори е целосно интегрирана. За Брнабиќ нема дилема дека без Западен Балкан не може да станува збор за интегрирана ЕУ но таа го посочи и ставот дека државници на држави членки од унијата не би требало да бараат нови услови кон државите кандидати или државите коишто веќе ги почнале преговорите како Србија мислејќи на сите оние пораки кои стигнаа деновиве во делот на тоа дека Србија ќе треба да го признае статусот на Косово пред да продолжи со преговорите коментирајќи дека ваков услов не бил поставен во делот на преговарачката рамка каде што се бара само усогласување или смирување на нивните меѓусебни односи.
Завршуваат и последните панели за овој Преспа форум дијалог, ова е втор ваков дијалог којшто се одржува по ред почнувајќи од лани под покровителство на МНР. Министерот Османи веќе најави дека ваквиот форум ќе стане традиција и најави нов форум за догодина.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
