Македонија
24. April 2026 - 16:44

Синдикатот на градежници бара инспекциски надзори пред трагедија, а не откако ќе загине работник

Колку вреди животот на еден градежен работник? Ова прашање денеска го поставува Синдикатот за градежништво откако уште едно семејство е завиено во црно по трагичниот настан во Кисела Вода. Жестоки критики упатија до работодавачите и надлежните институции обвинувајќи дека во македонскиот модерен и суров капитализам профитот се става пред човечкиот живот. Законот, велат, се гледа како трошок а не како заштита, синдикатот бара темелна истрага за случајот. 

„Утрово немаше да имаме загинат работник доколку се почитуваше законот и доколку тие што треба да го контролираат спроведувањето на законите треба да се на терен пред да се случи несреќа, а не отпосле. Со просек од 20 несреќи со фатален крај и преку 200 повреди при работа годишно, Македонија за жал особено во секторот градежништво е убиец број еден во Европа.“

Законот јасно укажува на кој начин и под кои услови се преземаат градежни активности од работниците особено кога станува збор за ископ на земјиште како во случајот. Експертите велат планот за изведба е одговорност на оние кои инвестираат, изведуваат или вршат надзор, но најчесто до овие несреќи доаѓа бидејќи такви насоки не им се даваат на работниците. 

Ова не е прв случај работник да биде потрупан од земјиште при градба. На сличен начин доаѓа до трагедија откако при ископ се случува свлечиште кое потоа со голема брзина по десетици кубици земја се спушта надолу.