Сиљановска: Проверка на потекло на имот и сериозни реформи за поголема доверба во судството
Довербата од два проценти во правосудство може да се реши само со сериозни реформи против партизацијата вели претседателката Сиљановска Давкова.
Во интервју за МИА, побара поголема одговорност и сериозно преиспитување на потеклото на имотот на функционерите. Целосно напуштање на партизацијата при изборот на судии и јавни обвинители, но и на убедувањето дека со пари и влијание може да се купи речиси сè.
Секој кога ќе стапи не само на определена функција, на определена работа, лесно е да се провери со што влегол, како излегол и дали е тоа можно. Не се чудам јас на огромните пари на некои ликови во светската политика, врзани за вештачки интелигенции и така натаму, ама кога ќе видите профили што од својата работа апсолутно не би можеле да го заработат, да го стекнат богатството, сигурно дека тоа треба да се испита. А понатаму тие цврсто се држат за богатството бидејќи филозофијата им е дека со парите може сè да купат и некако добиваме впечаток дека правдата не ги стигнува сите. Тоа мора да се надмине – истакна претседателката Сиљановска-Давкова
Сиљановска вели дека државата добива позитивни коментари од меѓународните партнери за спорведените реформи, а за надминување на останатите пречки на европскиот пат смета дека нон-пејперот за постепено членство на Франција и Германија е нов можен импулс. Македонија мора со докази да ги аргументира своите позиции, а ЕУ да ја преиспита методологијата на преговори.
Јас честопати говорам дека ЕУ треба да подразмисли околу методологијата на преговорите. Не може тоа да биде „молчи и слушај“. Како постар брат и помлад, или богат и сиромашен. Не. И кандидатите, и кандидатите за кандидати имаат што да кажат. Е, какви се тие преговори кога вие мене ми велите: „Еве ја рамката, спроведете ја, сменете го Уставот оти ние сме внатре, ние сме ексклузивно друштво, а вие чекате“? Не. И на ЕУ исто така ѝ требаат длабоки реформи – истакнува претседателката.
Националниот интерес е најважен, вели Сиљановска за што смета дека за европскиот пат потребен е консензус од кој опозицијата не смее да биде исклучена, но без успех завршиле нејзините обиди да воспостави контакт со опозициската партија на оваа тема.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
