Сиљановска-Давкова: Употребата на придавката македонски не може да се забрани

Преспанскиот договор јасно го регулира користењето на термините за државните институции, но употребата на придавката македонски во однос на идентитетот и народот не може да се забрани - истакна денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања во однос на вербалната нота врачена до амбасадорот на Бугарија во земјата поради изјавата на новата шефица на бугарската дипломатија Весислава Петрова-Чамова, која го употреби терминот северномакедонски.
Таа нагласи дека нејзиниот став кон договорот од Преспа не е променет и посочи дека потписниците на документот треба први да инсистираат на негово доследно почитување во меѓународните односи.
-Не се забранува ниту, пак, може да се забрани употребата на придавката македонски. Впрочем, тоа е и дел од самиот договор. Е, сега, оние што го поддржале и што го потпишале договорот први треба да укажуваат на неговото почитување - изјави Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се на политичката клима во регионот и новата влада во Бугарија, претседателката изрази очекување за конструктивност и водење политики засновани на добра волја нагласувајќи дека регионалното разбирање е клучно за евроинтеграцискиот пат на целиот Западен Балкан.
Во однос на прашањето за општествениот ангажман на поранешните шефови на државата, Сиљановска-Давкова истакна дека нивната активност не треба да престане по завршувањето на мандатот. Таа откри дека веќе размислувала за иницијатива за нивни заеднички консултации.
-Мислам дека би било убаво да има една тркалезна маса на бивши претседатели, каде што ќе може да се советуваме за состојбите со кои се соочуваме и за решенијата за определени проблеми. Инаку, во право сте дека не треба со заминувањето од функцијата да престанат и активностите, туку да продолжат - рече претседателката.
Запрашана за неодамнешните изјави поврзани со комуникацијата помеѓу премиерот и државниот јавен обвинител, Сиљановска-Давкова одби да ги коментира нагласувајќи дека нема увид во природата на нивните телефонски разговори и дека одговорите треба да се побараат директно од инволвираните страни.
МИА
Ново на Сител
-

Николоски: Набавуваме нови 49 возила и опрема за одржување на хигиената низ општините, најголема поддршка од Владата досега
-

Австралија заплени рекордни 100.000 илегални егзотични лебарки
-

Почна доброволното служење воен рок за жени во Грција со 72 кандидатки
-

Форбс: Тејлор Свифт е најбогатата музичарка во историјата
-

Македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките во Европа, бележат рекордни 31 отсто раст во патничкиот сообраќај за првите 5 месеци
-

Барселона фаворит за потписот на Камбијасо
-

ЕУ: Засега нема знаци за недостиг од авионско гориво во Европа
-

Фицо: Изјавата на Маѓар дека Унгарија граничи со самата себе само ја зголемува напнатоста
