Сиљановска - Давкова: Поддржувам укинување на Пржинската влада, двојно државјанство не треба да има и за претседателот и министрите

Претседателката Гордана Сиљановска - Давкова денеска изјави дека за неа измените на Законот за Владата што се однесуваат на техничката влада и тогаш кога се донесоа и сега се неуставни и го поддржува предлогот на власта таа да биде укината од следните избори, но смета дека за укинувањето исто како и кога се изгласа решението треба да има дијалог.
Сиљановска - Давкова исто така смета дека освен пратениците можност за двојно државјанство не треба да има и за други функционери - претседателот на државата и министрите.
-За мене измените на Законот за Владата што се однесуваат на техничката влада и тогаш и сега се неуставни. Имено, во самиот законски текст има одредба дека техничката влада ќе функционира во 2016 година. Ние го продолживме нејзиното функционирање. Се разбира дека има технички влади во светот, но, не од ваков тип. Техничките влади се влади на експерти, на бирократи. Зошто? За да гарантираат фер и демократски избори. Суштината на измените на нашиот закон за Влада во однос на техничката влада всушност значат не техничко функционирање, бидејќи политичари не можат технички да функционираат туку политички влади како гаранција дека ќе се овозможат фер и демократски избори, рече Сиљановска - Давкова.
Таа посочи дека ќе го потпише указот за Законот, но оти би сакала, бидејќи на таков начин се донесоа и измените на Законот, и сега да се разговара и да се дебатира за да се видат добрите и лошите страни.
-Инаку колку што знам јас претходно многупати сум чула дека е потребно да се стави крај на техничката влада. Уставен суд може да потврди дека тоа е неуставно решение, но мислам дека не е лошо да се дебатира како тогаш - рече Сиљановска - Давкова.
Претседателката рече дека ја поддржува идејата пратеници да немаат двојно државјанство, но смета дека законски треба да се уреди двојното државјанство при стапување на функција да не можат да имаат и претседателот на државата, на Владата и министрите.
-Уставот им гарантира на граѓаните македонско државјанство. Во Законот за државјанство исто така има одредба во која се вели дека граѓаните на Републиката имаат македонско државјанство, но исто така мислам дека е членот 2, став 2 гарантира и двојно државјанство. Постои можност по мене за ограничување на двојното државјанство. Таква можност веќе дава Законот за надворешни работи и се однесува на амбасадорите. Исто така, кога зборуваме за носители на функции кои се важни за безбедноста на државата, на пример за директорот на АНБ, не се дозволува двојно државјанство. Значи со некој матичен закон може да се ограничи двојното државјанство за други носители на функции. Инаку, јас мислам дека треба да се однесува и на претседателот на државата и на министритре. Закон за Влада има. Таму може да се воспостави ова решение. Закон за претседател нема, тоа е во Уставот, но треба да важи и за претседателот ова ограничување - рече таа.
Објасни дека со ваквите решенија не се навлегува во можноста за двојно државјанство, туку дека за определени функции не може да има двојно државјанство.
-Доколку сте имале двојно државјанство претходно во моментот на стапувањето на функцијата тоа треба да престане - рече претседателката.
Претседателката Сиљановска - Давкова денеска во Собранието се обрати на XX конференција на претседатели на парламенти на Јадранската и Јонската иницијатива.
МИА
Ново на Сител
-

Обвинителството бара притвор за десетмина инволвирани во увозот на нелегални ботокси и филери
-

Тема на денот со Изет Меџити, ВРЕДИ
-

Обвинителството бара притвор за 12 од приведените
-

Преглед на вестите од светот
-

Еден загинат и четворица повредени градежници во Кисела Вода
-

Синдикатот на градежници бара инспекциски надзори пред трагедија, а не откако ќе загине работник
-

Кој се е инволвиран во илегалниот увоз на ботокси и филери?
-

Подготвително рочиште за деветтемина полицајци обвинети за поврзаност со пожарот во „Пулс”
