Сиљановска-Давкова: Патеки кон демографска отпорност во согласност со потребите на луѓето

Не верувам во демографски фатализам. Напротив, убедена сум дека државите може да одговорат мудро, стратегиски и хумано - изјави вчеравечер претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на приемот во чест на учесниците на регионалната конференција „Предводење на промените: патеки кон демографска отпорност во согласност со потребите на луѓето“, посветена на демографските промени и нивното влијание врз иднината на општествата.
Како што се наведува во соопштението на Кабинетот на претседателката, таа изразилала задоволство што годинава македонската држава е домаќин на конференцијата и нагласила дека за неа демографијата одамна престанала да биде само статистичка дисциплина и прераснала во едно од клучните политички, економски и цивилизациски прашања, што директно влијае не само врз пазарот на трудот, одржливоста на пензиските и здравствените системи туку и врз социјалната кохезија и стабилноста на државите.
- Демографијата одамна престана да биде само статистичка дисциплина или предмет на академски анализи прераснувајќи во едно од клучните политички, економски и цивилизациски прашања. Таа директно влијае врз пазарите на трудот, одржливоста на пензиските и здравствените системи, социјалната кохезија и врз целокупната стабилност на државите. Не можам, а да не кажам дека првпат во историјата на човештвото бројот на лица постари од 65 години е поголем од бројот на деца под петгодишна возраст. Оваа демографска инверзија не е само статистички индикатор, туку суштинска цивилизациска промена што постепено ги преобликува современите општества - нагласила претседателката.
Сиљановска-Давкова посочила дека македонската држава, како и голем дел од Европа, се соочува со троен демографски притисок: ниска стапка на наталитет, висока емиграција и забрзано стареење на населението.
- Македонската држава, како и голем дел од Европа, се соочува со троен демографски притисок: ниска стапка на наталитет, висока емиграција и забрзано стареење на населението. Според најновите проекции, населението на државата може да се намали за речиси 33 проценти до 2070 година. Јас, сепак, не верувам во демографски фатализам. Напротив, убедена сум дека државите може да одговорат мудро, стратегиски и хумано доколку има институционален капацитет, политичка волја и доверба меѓу институциите и граѓаните. Токму затоа прашањето за демографските промени не може да се сведе само на статистики и на економски проекции, туку неизбежно создава потреба од обновување на општествениот договор во Русоова смисла, заснован врз заемна одговорност, доверба и почит меѓу државата и граѓаните - изјавила таа.
Според неа, демографската отпорност не може да се гради само со финансиска поддршка, туку со соодветен пристап, што ќе обезбеди сигурност, стабилност и предвидлива перспектива за младите и семејствата.
- Едно неодамнешно истражување на „Оксфорд аналитика“ покажува дека финансиската поддршка сама по себе не е доволна за луѓето да одлучат да имаат повеќе деца. Потребна е комбинација од политики што ќе ги намалат тензиите меѓу професионалниот и семејниот живот, но и функционални институции, квалитетно образование, достапна грижа за децата и чувство дека иднината е предвидлива. Како земја целиме кон комбинирани пронатални политики: поддршка за децата, родителите и семејствата, мерки за рамнотежа меѓу работата и животот, даночни олеснувања за основање семејства и финансиска поддршка за ин витро оплодување - нагласила претседателката.
Таа посетила дека е усвоена Националната стратегија за развој 2024 - 2044 година, во која демографската ревитализација е поставена како еден од националните приоритети, формирано е Министерство за социјална политика, демографија и млади, како и функција национален координатор за демографија и млади.
- Убедена сум дека демографските промени ќе го дефинираат 21 век исто толку силно колку што индустриската револуција го дефинира 19 век. Прашањето е: Дали и сега ќе реагираме post festum, односно реактивно, или ќе дејствуваме ex ante, односно превентивно и антиципативно? Верувам дека преку соработка, научно засновани политики и пристап насочен кон човекот можеме да изградиме поотпорни и постабилни општества - истакнала Гордана Сиљановска-Давкова.
На конференцијата присуствуваат министри, високи владини претставници, меѓународни експерти од над 30 држави, како и претставници на ООН, Советот на Европа, Европската банка за обнова и развој и други меѓународни организации.
МИА
Ново на Сител
-

Божиновска: Ако е потребно, повторно ќе се разговара со „Окта“ за продолжување на попустот за горивата
-

Мицкоски го покани Радев да ја посети земјава
-

Во недела поради улична трка посебен режим на сообраќај во Скопје
-

Сиљановска-Давкова - Берсе: Фрустрациите кај земјите кандидатки поради застојот во процесот на проширување може да создадат негативни политички тенденции
-

79-годишник од Скопје допирал малолетна сосетка во својот дом
-

Заложничка криза во банка во германскиот град Зинциг
-

Мицкоски на отворањето на „Плазма - Спортските игри за млади“: Спортот е иднината на Македонија
-

Во март годинава 245 одобренија за градење, за 26,6 проценти помалку од март лани
