Шумски пожари предизвикаа евакуации ширум Турција додека жештината и ветрот ги разгоруваат огнените стихии

Шумски пожари денеска избувнаа ширум западна Турција, уништувајќи неколку домови, принудувајќи евакуација на други домаќинства и на една јавна болница, како и затворање патишта, додека пожарникарите се борат со огнените стихии, јавија локалните медиуми.
Како што пренесе ДПА, засега нема информации за жртви. Властите предупредија на опасноста од ширење на шумските пожари поттикнати од екстремните температури и силните ветрови.
Најмалку седум провинции, вклучувајќи ги и туристичките центри Анталија и Мугла, денеска пријавија активни шумски пожари, додека пожарите во три други градови беа ставени под контрола, јави државната новинска агенција Анадолија.
Во западната провинција Балкесир, властите превентивно евакуираа 210 домови во областа Едремит, изјави гувернерот Исмаил Устаоглу за Анадолија, додавајќи дека нема пријавено загинати.
Друг пожар избувна во областа Сејдикемер во егејската провинција Мугла, каде што беа евакуирани 65 жители од 43 домаќинства, а од претпазливост беше испразнета и државната болница, соопшти кабинетот на гувернерот. Пожарот почнал на земјоделско земјиште, по што се проширил на блиската шума.
Сите пациенти од државната болница во Сејдикемер се безбедно префрлени во блиските болници како мерка на претпазливост, соопшти министерот за здравство Кемал Мемишоглу на социјалните мрежи.
Југоисточно од Мугла, во Анталија, шумскиот пожар стигна до станбените области во населбата Јазитир во областа Кумлуџа, каде што пламенот уништи неколку домови, а жителите беа принудени да бегаат заедно со својот добиток.
Властите исто така ги затворија патиштата кон туристичките места Адрасан и Олимп.
Шумски пожари денеска беа одделно пријавени и во западните провинции Ајдин, Балкесир, Ќутахија, Чанаккале и Јалова, јужно од Истанбул.
За ставање под контрола на пожарот во Мугла, властите ангажираа пет противпожарни авиони, 12 хеликоптери и 373 припадници на службите, додека хеликоптери и бројни противпожарни возила беа испратени на пожарот во Анталија. Автопатот Анталија-Сејдикемер беше затворен поради густиот чад.
Екстремната топлина, силните ветрови и сувото време се главните причини за избувнувањето на шумските пожари, изјави гувернерот на Анталија, Хулуси Шахин.
Турската државна метеоролошка служба за утре предвидува температури од 39 степени Целзиусови во Анталија и 36 степени во Мугла.
Турција, исто како и другите медитерански земји, редовно е погодена од шумски пожари во текот на топлите и суви летни месеци.
Во 2023 година, Турција претрпе масовни разурнувања од шумски пожари, главно по должината на нејзиниот брег, каде што вкупно 2.539 пожари уништија 15.616 хектари земјиште до крајот на ноември, според податоците на Турската Црвена полумесечина.
МИА
Ново на Сител
-

Вон контрола пожарот на грчкиот остров Крит во кој загинаа двајца пожарникари, а беа евакуирани села и 29 лица по морски пат
-

Дрон удри танкер за превоз на гас во египетско медитеранско пристаниште
-

Шумски пожари предизвикаа евакуации ширум Турција додека жештината и ветрот ги разгоруваат огнените стихии
-

Зеленски понуди помош од Украина за гаснење на пожарите во Франција
-

Македонските одбојкари против Грција на отворањето на Медитеранските игри
-

Израел: Хезболах изврши прв напад со дрон по прекинот на огнот од 19 јуни
-

Кампања на МВР и РСБСП: Не користи мобилен телефон додека возиш
-

УЕФА ги повика членките на итен состанок, меѓу темите и можен бојкот на Светското првенство
