Македонија
15. May 2026 - 16:32

Сејф сити ќе казнува мотори и тротинети

Над 20.000 повици се регистрирани на телефонскиот број 078/274-283 од црните билборди со наслов „Како звучи неодговорно возење?“. Билбордите беа поставени од телекомуникацискиот оператор А1. На бројот не крева никој - како потсетник какви би можеле да бидат ефектите од возење со мобилен во рака.

-За жал сме сведоци на сѐ поголем број на сообраќајни незгоди коишто се предизвикани од неодговорно користење на технлогиите, пред сѐ мислам на мобилните телефони. Технологијата е тука и ќе остане. Сите ние користиме мобилни телефони и ќе продолжиме да ги користиме. Но, треба да бидеме свесни дека таа секунда, или поточно кажано, тој дел од секундата кога не внимаваме и кога сме фокусираме на нашиот телефон, може да го смени нашиот живот комплетно, а не дај Боже да однесе некој туѓ живот, вели генералниот директор на А1, Методија Мирчев.

Кампањата на А1 е во соработка со Министерството за внатрешни работи. Но, МВР не води статистика колку од несреќите се случуваат како последица од возење со мобилен телефон во рака. Прашан дали и кога системот Сејф Сити ќе почне да казнува и за возење со телефон, министерот Панче Тошковски не одговори конкретно, но рече имплементацијата на нови прекршоци ќе оди чекор по чекор. Прва новина која ќе биде воведена е погрешното паркирање.

-Тука имаме предизвици, повеќе институции мора да бидат вклучени, како што е Град Скопје, општините итн во делот на овој процес и заради тоа што е многуброен прекршок не сакаме да при нецелосно утврдени правила на игра да влеземе во казнување на граѓаните, рече Тошковски.

Со растот на температурите се зголеми и бројот на мотори во сообраќајот. Но нив, засега не ги фаќа системот „Сејф Сити“. Тошковски вели дека во наредниот период во фокусот на сообрќаајните контроли ќе бидат т.н. Лажни мороџии.

-Оние коишто, пак ќе речам, глумат дека се моторџии, односно управуваат мотор без да носат кацига, управуваат со далеку поголема брзина, го дигаат на едно тркало среде град, возат на црвено итн, итн. И мислат дека „Сејф Сити“ нема да ги детектира, еве да им упатам една јавна порака до сите коишто глумат дека се моторџии дека Министерство за внатрешни работи во наредниот период и тек како ќе биде фокусирано на нив, особено во градските средини. И еве, слободно можам да кажам - ќе ги изгориме“, рече Тошковски.

Препознатливите црни билборди се само прв дел од кампањата на А1 и Министерство за внатрешни работи. Од компанијата најавуваат дека и во иднина ќе продолжат да ја погиднуваат свеста за неодговорно управување со моторно возило.