СДСМ: Историско задолжување
Нова политичка пресметка меѓу власта и опозицијата за состојбата со македонската економија и државните финансии. Лидерот на опозицијата Филипче тврди дека со најавеното ново задолжување од 1,3 милијарди евра, вкупниот долг на државата би достигнал речиси 12 милијарди евра, односно околу 65 проценти од БДП. Филипче тврди дека во изминатите две и пол години новото задолжување надминало четири милијарди евра и дека средствата не се насочуваат кон капитални инвестиции, туку кон партиски тендери.
„Колку треба да биде очаен човек да каже дека расте бруто-домашниот производ, а при тоа, секојдневно, брутално и сè повеќе ја задолжува земјата? Затоа што, ако економијата добро работи, тогаш ќе се задолжуваме со помалку пари и вкупниот долг ќе се намалува, а нема да се зголемува“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Одговорот од министерката за финансии стигна преку контрааргументи за старото наследство. Таа посочи дека долгот што го остави опозицијата за 2027 година изнесува скоро една и пол милијарда евра, средства што мора легитимно да се обезбедат за враќање. Кога на тоа ќе се додадат хартиите од вредност и државните записи од 1.100 милиони евра, обврските стануваат јасни.
„Тие долгови кои опозицијата ги остави за 2027 година се скоро една и пол милијарда евра, кои ние треба да ги вратиме... Тоа е нивната весела математика. Се враќаат долгови од 3,7 милијарди, а си позајмиле многу повеќе“, порачаа од ресорното министерство.
Од аспект на јавниот долг, владејачката партија тврди дека актуелниот долг изнесува 58,8 проценти, што е пониско во споредба со периодот кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта во 2024 година, кога бил над 60 проценти. Според нив, она за што зборува опозицијата е всушност сервисирање на обврски создадени за време на нивното владеење, кои ќе треба да се враќаат сè до 2030 година.
СДСМ најави ново законско решение за зголемување на минималната плата на 600 евра, тврдејќи дека средства има доколку власта се откаже од владиниот луксуз. Владата и министерството за финансии остро го отфрлија овој предлог како буџетски неодржлив, прашајќи дали државната каса воопшто го дозволува тоа. Владејачкото мнозинство го обвини СДСМ за неодговорност и за огромни милионски долгови оставени од нивното владеење кои сега мора да се враќаат.
Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека македонската економија бележи солиден раст, а јавниот долг е намален под 60 отсто во споредба со периодот кога ја презедоа власта. Дебатата за економските политики и јавните финансии останува во фокусот на вниманието меѓу двете политички страни.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
