Македонија
19. May 2026 - 20:11

СДСМ го блокираше заемот од 260 милиони евра

Новиот заем од 260 милиони евра, со кој треба да се сервисираат обврските од буџетот, заглави во собраниските процедури. Опозициската СДСМ, преку Комисијата за финансирање и буџет со која раководи нејзината пратеничка Лукаревска, ја блокираше дебатата за задолжувањето.

Пратениците на опозицијата се жалеа дека собраниската сала во која се одржуваше комисијата била претесна за сите заинтересирани говорници, па бараа седницата да се одложи. Но, ова беше пресретнато од власта. Најголем дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа од салата за да им отстапат место.

Но, ни ова не беше доволно. По побараната пауза, претседателката Лукаревска не се врати да ја продолжи седницата. За ВМРО-ДПМНЕ ова е само времена блокада што ја прави СДСМ на штета на граѓаните. Најавуваат нов претседавач на собраниското тело.

Новиот заем од 260 милиони евра, според објаснувањето на Министерството за финансии, се зема за вложувања во капитални инвестиции и сервисирање на обврски од буџетот. Државата се задолжува кај конзорциум од 8 банки, со рок на отплата од 6 години, при што три години се грејс-период. Власта тврди дека станува збор за планиран и поволен кредит, додека опозицијата досега во јавноста реагираше дека каматите се преголеми.