Руте: Русија и нејзините сојузници се главната долгорочна закана за НАТО

Русија е сè уште главната закана за НАТО, а нејзината врска со Кина, Иран и Северна Кореја претставува еден од најголемите долгорочни безбедносни предизвици за Алијансата, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Русија е главната закана сега и на долг рок. Ја гледаме оваа луда војна на агресија против Украина, каде што (рускиот претседател Владимир) Путин е подготвен да жртвува 35.000 од својот народ, првенствено мажи од Русија кои се борат таму, кои Украина ги убива или сериозно ги повредува“, рече тој во интервју за агенцијата Анадолија.
Тој, исто така, предупреди дека воениот подем на Кина не треба да се потценува.
„Кина масовно гради своја војска, ќе има 1.000 нуклеарни боеви глави до 2030 година. Затоа, да не бидеме наивни во врска со Кина“, рече тој.
Руте рече дека самитот на НАТО, што ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара, ќе биде посветен на спроведување на претходно преземените обврски, зголемување на инвестициите во одбраната, поддршка на Украина и зајакнување на одбранбената индустрија на членовите на алијансата.
Тој нагласи дека сојузниците мора да ги исполнат договорите постигнати на минатогодишниот самит во Хаг, особено кога станува збор за зголемување на средствата за одбрана.
Според неговите зборови, во последните две години, европските членки на НАТО и Канада се обврзале на речиси 250 милијарди долари дополнителни инвестиции во одбраната.
„Навистина мора да го зголемиме производството во одбранбената индустрија, бидејќи тоа е составен дел од нашето одвраќање“, рече Руте, оценувајќи дека производствените капацитети сè уште не се доволни за потребите на Алијансата.
Тој нагласи дека НАТО мора да продолжи со поддршката на Украина, но и да ја зајакне сопствената воена индустрија и капацитети.
Руте зборуваше и за иднината на НАТО, наведувајќи дека концептот „НАТО 3.0“ подразбира посилна Европа во рамките на трансатлантската алијанса, со континуирано американско учество.
„НАТО 3.0 е различен од НАТО 2.0, каде што бевме премногу зависни од САД“, рече тој, додавајќи дека Вашингтон ќе продолжи да игра важна улога во европската безбедност, вклучително и нуклеарното одвраќање.
Тој оцени дека европската безбедност мора да остане заснована на широка трансатлантска рамка, која се протега „од Калифорнија до Анкара“, со вклучување на сите сојузници, вклучувајќи ги Турција, Норвешка, Исланд и Велика Британија.
Зборувајќи за нуклеарното одвраќање, Руте рече дека земјите од НАТО остануваат соодветно заштитени благодарение на можностите на САД и Велика Британија, како и на нуклеарниот потенцијал на Франција.
„Мислам дека кога станува збор за нуклеарната енергија, ние сме апсолутно добро заштитени“, заклучи Руте.
Самитот на НАТО во Анкара ќе ги собере шефовите на држави и влади на земјите-членки на Северноатлантската воена алијанса. Тоа е 36-ти самит на Алијансата и втор што ќе се одржи во Турција, по состанокот во Истанбул во 2004 година.
МИА
Ново на Сител
-

Ѓорѓиевски: Со навремена реакција спречивме поголеми последици од невремето во Скопје
-

Итна седница на Кризниот штаб на Кисела Вода по невремето со обилен дожд
-

ЈОРМ: Побарани мерки на претпазливост за доцентка од УГД осомничена за примање поткуп
-

Невремето предизвика поплави - најпогодени се населбите: Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба
-

Ѓорѓиевски: Кризниот штаб на Град Скопје целосно мобилизиран по силното невреме
-

Силно невреме со пороен дожд, грмежи и засилен ветер го зафати Скопје
-

Уапсен 28-годишник од Неготино, оштетил кафемати и одзел пари од нив
-

Физичка пресметка помеѓу четири лица во скопскиот Градски парк поради одземен телефон
