Рударството како дел од зелената транзиција
На Македонија ѝ треба рударство кое нема да биде спротивно на зелената транзиција, туку ќе помогне таа да се реализира. Ова е една од главните пораки од Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, претставена на настан по повод Денот на рударите.
Научниот соработник во МАНУ, Александар Дединец, вели дека дилемата не треба да биде дали земјата треба да има рударство, туку какво рударство сакаме.
„Имаме што да понудиме. Иако сме мала држава нашиот геолошки состав ни дава значаен и разновиден минерален потенцијал. Стратегијата ги препознава бакарот, среброто, златото, оловото, цинкот, никелот, хромот, манганот, но и значаен број на наметалични минерални суровини, како и јагленот и водата за пиење. Тоа е потенцијал кој не треба ниту да го преценуваме, но ниту да го игнорираме. Треба паметно да го истражиме, да знаеме со што располагаме“, истакна Дединец.
Според министерката за енергетика, Божиновска, рударството не е само производство, туку цел синџир кој носи работа и за транспортот, градежништвото, машинската индустрија, лабораториите и голем број домашни компании.
„Граѓаните кои живеат најблиску до активните рудници, по правило, имаат далеку попозитивен и попрагматичен однос кон рударството од оние кои го познаваат само преку јавните полемики. Тие секојдневно гледаат што значи рудникот за работните места, локалните компании, општинскиот буџет и развојот на нивниот град. Затоа, во најголем дел, ја поддржуваат работата на рудниците, особено кога тие работат одговорно, безбедно и во партнерство со локалната заедница“, рече Божиновска.
Лани во Македонија биле произведени над 130 илјади тони бакарен, оловен и цинков концентрат, а рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот извоз на државата.
И покрај потенцијалот, земјава има малку нови проекти за критични минерали.
Еден од нив е „Иловица-Штука“, каде се планира рудник за бакар. Инвеститорот најавува почетна инвестиција од над 340 милиони евра, а проектот, според најавите, треба да носи просечен годишен приход од најмалку 180 милиони евра и компанијата да стане меѓу најголемите извозници во земјава.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
