Рокас: Покажавте капацитет за спроведување на реформите, владеењето на правото клучен предуслов за успешна евроинтеграција

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, денеска порача дека ЕУ останува целосно посветена на европската перспектива на Северна Македонија и нема никакво сомневање дека на државата се гледа како на идна членка на Унијата.
- Не треба да имате никакво сомневање дека Европската комисија е целосно посветена да ја види вашата земја како полноправна членка на ЕУ, рече Рокас, обраќајќи се на седница на Националниот совет за евроинтеграции, посветена на клучните аспекти на процесот на европска интеграција.
Тој истакна дека процесот на проширување е во полн ек и дека секојдневно се бележат нови позитивни случувања. Рокас посочи дека во изминатиот период биле одржани повеќе меѓувладини конференции со Албанија, Украина, Молдавија и Црна Гора, при што биле отворени нови и затворени повеќе преговарачки поглавја. Според него, тоа претставува нов момент во политиката на проширување на ЕУ, а особено е видлив напредокот што го постигнува Црна Гора.
Осврнувајќи се на дебатите во Европската Унија за проширувањето, Рокас нагласи дека биле анализирани и финансиските аспекти на процесот. Тој посочи дека, според изработена студија за случајот на Црна Гора, трошоците за проширувањето би изнесувале помалку од едно евро дневно по граѓанин, што, како што рече, покажува дека процесот е финансиски одржлив.
- Франција и Германија беа двигатели на оваа иницијатива, а целта е заедничка за сите: да се забрза процесот на пристапување, да се исполнат сите неопходни предуслови, но истовремено и земјите кандидати постепено да добијат поголем пристап до внатрешниот пазар на ЕУ. Токму затоа, паралелно работиме и на тој процес - рече Рокас.
Осврнувајќи се на земјава, Рокас оцени дека покажала капацитет за спроведување реформи. Тој ја поздрави работата на Собранието и донесувањето на повеќе закони, додавајќи дека со поддршка на Делегацијата на Европската Унија институциите можат успешно да се подготват за пристапување во Унијата.
- Без двоумење можам да кажам дека земјата покажа дека има капацитет да спроведува реформи. Би сакал да ја поздравам работата што е завршена во Собранието, особено во однос на законите што се донесуваат во овој дом. Секако, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија, сметаме дека успешно можеме да ве подготвиме за пристапување кон ЕУ - додаде Рокас.
Нагласи дека постојат три клучни области на кои земјата треба да остане посветена, а една од нив е владеењето на правото. Рокас истакна дека во овие области не може да има компромис, бидејќи тие се основните критериуми врз кои се темели пристапниот процес.
- Предуслов за отворање на преговарачките поглавја е исполнувањето на строгите критериуми, особено во делот на владеењето на правото и нивната целосна имплементација. Тоа се стандардни процедури што важат за сите земји кандидати - истакна евроамбасадорот.
Тој нагласи дека владеењето на правото ќе остане главниот критериум според кој ќе се оценува напредокот на секоја земја-кандидат, а покрај законодавните реформи, неопходно е, како што рече, да се обезбеди професионална и ефикасна јавна администрација, како и да се пополнат испразнетите позиции во правосудството.
Рокас порача дека е особено важно судството да биде кадровски и финансиски зајакнато и ослободено од политички влијанија. Буџетот, рече тој, треба да обезбеди доволно средства за негово непречено функционирање, бидејќи ефикасното и независно правосудство претставува клучен предуслов за успешна евроинтеграција.
Во извештаите на ЕУ, посочи евроамбасадорот, може да се забележи позитивна оценка за повеќе области и додаде дека политичките партии покажуваат конструктивен пристап и дека постои добра демократска атмосфера.
Сепак, додаде Рокас, потребни се заедничка политичка волја и многу работа за да се постигнат поставените цели.
- Јас сум речиси две години овде и гледам дека постои простор за дискусии, па и за политички несогласувања по многу прашања. Но, кога станува збор за овие клучни реформи, многу е важно, секако и со наша поддршка, да се постигне широк политички консензус - истакна евроамбасадорот и додаде дека тоа особено се однесува на Изборниот законик и Кривичниот законик.
Во однос на идната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, Рокас рече дека во моментов е рано да се зборува за конкретните распределби на средствата. Посочи дека се работи на постигнување договор до крајот на годината и дека Унијата ќе располага со флексибилни финансиски инструменти, при што ќе се настојува ниту една земја да не остане без соодветна поддршка. Воедно најави дека досегашните инструменти, како ИПА-фондовите во нивната сегашна форма, ќе бидат заменети со нови механизми за финансиска поддршка.
На крајот од своето обраќање, Рокас порача дека ЕУ ќе продолжи интензивно да работи со земјава за да биде подготвена да ги започне пристапните преговори. Тој нагласи дека за напредокот ќе бидат неопходни политички консензус, континуирани реформи и целосна посветеност на владеењето на правото како темелни европски вредности.
МИА
Ново на Сител
-

УХМР: Во вчерашното невреме на повеќе локации во државата беа регистрирани оркански удари на ветер
-

Мицкоски за штетите од невремето: Имаме механизми за помош, никогаш не сме ги оставиле граѓаните да се снаоѓаат сами
-

Над 30 повредени во силното невреме што вчера го зафати Скопје
-

Франција воведува целосна забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години
-

Рокас: Покажавте капацитет за спроведување на реформите, владеењето на правото клучен предуслов за успешна евроинтеграција
-

Сали: Евроинтеграцијата бара заедничка одговорност и консензус, политичките разлики не треба да ги блокираат реформите и придобивките за граѓаните
-

Ангелов: Природата е најголемиот контролор на изграденото од човекот
-

Откриен споменик на Махатма Ганди во Скопје, траен симбол на вредностите што ги обединуваат двата народа
