Ревизијата утврди недоследности во работењето на ФЗО

Ревизијата во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) утврди дека се уште има недоследности во ефикасноста на следење на лекувањето во странство, во начинот на финансирање / купување на услугите од јавните здравствени установи и ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, како и во ажурирање на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот.
Ккао што информира Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој го објави Извештајот за ревизијата, покрај преземените активности за спроведување на дел од препораките, и натаму постојат слабости и потребни се системски подобрувања, особено во функционирањето на ИТ системот и контролите кои Фондот ги спроведува врз вршењето и фактурирањето на здравствените услуги.
-Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување за 2024 година. Со извршената ревизија е изразено мислење со резерва за вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со релевантната законска регулатива. И покрај преземените активности за спроведување на дадените препораки од претходните ревизии и понатаму постојат слабости и потребни се системски подобрувања. Ревизијата нагласува дека ненавремената уплата на средства по основа на придонеси од надлежните институции, влијае врз ликвидноста на Фондот, со што е отежнато навременото сервисирање на обврските на здравствените установи, во рамки на договорените надоместоци, се наведува во Извештајот.
Според ДЗР, заклучно со февруари 2026 година, неплатениот придонес од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 8.415.865 илјади денари (приближно 137 милиони евра), при што постојано се зголемува разликата помеѓу планираните средства и нивната реализација. Поради недоволно обезбедени буџетски средства, неисплатените средства од Министерството за здравство по основа на придонес за неосигурените лица, на крајот на 2024 година изнесува 2.136.300 илјади денари (приближно 35 милиони евра).
-Ревизијата утврди дека во функционирањето и развојот на информацискиот систем на Фондот и понатаму постојат предизвици поврзани со отсуство на стратешки документи, недоволно кадровски капацитети, делумна функционалност на одделни модули и ограничени можности за нивна понатамошна надградба. Истовремено, доцни воспоставувањето на системот за електронски рецепт, а постојните системски контроли во процесот на издавање и фактурирање на рецептите не обезбедуваат доволно ниво на контрола. Утврдени се слабости во контролите кои ги спроведува Фондот врз вршењето и фактурирањето на здравствените услуги од страна на здравствените установи. Нецелосната поврзаност на информацискиот систем на Фондот со системот „Мој Термин“ и нецелосната информатичка поддршка на процесот на следење, пресметување и исплата на надоместоците на избраните лекари, како и недоволната координација помеѓу организационите единици, отсуството на планирање на контролите врз основа на анализа на ризик и недоволниот број на лекари-контролори го ограничуваат обемот и ефикасноста на контролите и не обезбедуваат целосна потврда за реално извршените здравствени услуги, наведува ДЗР.
Ревизијата утврди и дека во 2024 година се извршени вкупно 44 контроли во установите кои вршат болничка здравствена заштита, при што, кај речиси половината се утврдени неправилности.
-Најголем дел од контролите се вршат во јавните установи, додека кај приватните болници, каде висината на исплатите зависи од обемот на извршените услуги, контролите се недоволни. Започнатите активности за дигитализација и воведување софтверски модул за планирање на контролите не се завршени поради неисполнети технички и организациски предуслови. Во областа на јавните набавки, утврдени се слабости во планирањето и спроведувањето на ИТ набавките. Кај 17 од 20 ревидирани постапки е доставена само една понуда, при што ревизијата укажува дека дел од условите и техничките барања не биле целосно сразмерни со предметот на набавката, што влијаело врз конкуренцијата. Дополнително, набавениот модул за прием и контрола на фактури за странско осигурување, иако е испорачан и формално прифатен, не е ставен во функција, бидејќи не одговара на потребите на работењето. Поради тоа, финансиската документација со странските фондови и понатаму се обработува рачно, што ја намалува ефикасноста на процесот и го зголемува ризикот од пропусти и неажурност, стои во Извештајот.
Во делот на лекувањето во странство се утврдени слабости во однос на почитувањето на законските рокови за одлучување, следењето на постапките и евалуацијата на успешноста на лекувањето.
-Недоволно се воспоставени и контролите во процесот на евидентирање и затворање на авансно исплатените средства кон странските здравствени установи, чиј износ континуирано се зголемува во изминатиот период. Имено, приближно половина од вкупниот износ на авансите се однесува на период од 2014 до 2023 година за кои не се добиени конечни фактури или не е извршен поврат на средствата. Како клучно ревизорско прашање се истакнува дека постојниот модел на финансирање на јавните здравствени установи не обезбедува целосна примена на принципот на плаќање според извршените здравствени услуги. Фондот, наместо да ги надоместува реално извршените здравствени услуги, има законска обврска да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи, при што поголемиот дел од нив имаат реализирано значајно помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок. Дополнително, ревизијата ја нагласува неизвесноста во однос на исходот од започнатите судски постапки во кои Фондот се јавува како тужена страна, како и потребата од ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, кои во најголем дел се утврдени пред повеќе од 10 години и не ги одразуваат реалните трошоци. Истакната е и потребата од натамошно ажурирање на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот, со цел да биде усогласена со потребите на здравствениот систем и осигурениците, наведува ДЗР и информира дека се дадени препораки за унапредување на работењето на Фондот.
МИА
Ново на Сител
-

Нетанјаху призна дека опаѓа поддршката за Израел во САД, вината ја гледа во социјалните мрежи
-

Вучиќ: Изборите ќе бидат распишани согласно Уставот и интересите на граѓаните на Србија
-

Мицкоски до Филипче: Со вас бевме на врвот по бројот на починати во корона кризата
-

ЦУК: Активни пожари во Долнени и Кичево, под контрола пожарот кај Кавадарци
-

Две нови електронски услуги на ДИЗ: сертификат за извоз на вино и сертификат за земјоделски производи, преработки и стоки
-

Гаши за Законот за правичната застапеност: Ќе го искористам правото од Деловникот да проценам кога може да го повикам пленумот на гласање по исцрпената расправа
-

Вториот пензиски столб исплаќа пензија за 147 лица, најголем дел со минимален пензиски износ
-

Андоновски: Нема да се уништува животната средина за да се градат дата-центри
