Реставрирани уште две скапоцени дела од Бигорската ризница

Реставрирани се уште две скапоцени дела од Бигорската ризница, со што заокружена е реставрацијата и конзервацијата на четирите литијни крстови од богатата манастирска ризница.
По тој повод во посета на Бигорската свештена обител беа директорот на Националниот конзерваторски центар Александар Јорданоски со своите соработници Јехона Спахиу - Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор и Невенка Величковска, сликар – советник конзерватор, кои работеа на реставрацијата и конзервацијата на четирите литијни крстови, заедно со стручниот тим на Националниот конзерваторски центар.
На средбата со игуменот на манастирот, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, разменија мислења и ја разгледаа потребата од натамошно продлабочување и унапредување на меѓусебната соработка, со цел што посветено, постручно и поодговорно зачувување на бесценетото духовно и културно наследство на илјадагодишната Бигорска обител.
- Особено внимание беше посветено на успешно завршениот процес на конзервација и реставрација на четирите литијни крстови од манастирската збирка. Претходно, на 15 јули, во манастирот беа вратени и последните два реставрирани и конзервирани литијни крста: „Распетие Христово / Вознесение Христово“ и „Распетие Христово / Воскресение Христово“. Станува збор за исклучително значајни и скапоцени дела, творби на прочуените зографи Михаил од Самарина и неговиот син Димитар, односно монах Даниил, чиешто творештво зазема особено место во историјата на црковната уметност на овие простори. Преку овие крстови, како и преку нивното пошироко зографско наследство, Михаил и Даниил оставиле траен печат врз духовниот и уметничкиот идентитет на Бигорската обител, но и на мијачкиот крај и пошироко, сведочејќи за високите дострели на православната сакрална уметност и за живата врска меѓу верата, убавината и преданието, информираше Архимандрит Кирил.
Претходно, на 24 септември 2024 година, по успешно извршената реставрација и конзервација, во Бигорски беа вратени првите два литијни крста. Со враќањето и на вторите два беше заокружена конзервацијата на сите четири литијни крстови, кои повторно го зазедоа своето достојно место во ризницата на Бигорскиот манастир. На тој начин се комплетира уште едно особено значајно поглавје во заштитата и зачувувањето на ова свето и драгоцено наследство.
Владиката Партениј, изразил искрена благодарност до директорот на Националниот конзерваторски центар, до раководителките на проектот и до сите членови на стручниот тим за нивната пожртвувана, високопрофесионална и научно-темелна работа, а особено за љубовта, вниманието и почитта со кои пристапија кон светите предмети од Бигорската ризница.
- Покрај заокружувањето на конзервацијата на литијните крстови, во изминатите денови во Бигорски се вршеа и нови конзерваторски истражувања на иконите „Воведение на Пресвета Богородица во Храмот“, „Свети Николај“ и „Симнување во адот“, со цел да биде изработен соодветен проект за нивна конзервација и реставрација. Овие активности претставуваат уште еден значаен чекор во долгорочната грижа за зачувување на богатото уметничко, историско и духовно наследство на нашата света Обител, нагласува отец Кирил.
Додава дека плодотворната соработка продолжува и во иднина, со цел бесценетото наследство што сме го примиле од нашите предци да биде сочувано, обновено и достојно предадено на идните поколенија.
МИА
Ново на Сител
-

Државата ќе гради Национален дата-центар
-

Пет лица под лупа на ДКСК поради истовремено извршување повеќе функции
-

Се е подготвено за вечерашниот старт на Пиво фест, ќе трае до недела, се очекуваат гости од цела Македонија
-

Поплавени објекти и оштетени возила по големото невреме кое синоќа ја погоди Битола
-

Тема на денот со Драган Тилев, поранешен државен советник за европски прашања
-

Над 1000 граѓани во болница, пумпи со вода од Вардар биле приклучени на градскиот водовод!?
-

Над 1000 граѓани во болница, пумпи со вода од Вардар биле приклучени на градскиот водовод!?
-

Забрана за користење на водата во Гостивар
