Реконструкцијата на Владата е заокужена - ресорите се поделени
Реконструкцијата на Владата е заокружена – ресорите се поделени, познати се новите министри, а се укинува и функцијата вицепремиер за добро владеење... Премиерот ги добил сите предлог имиња од коалиционите партнери и е задоволен од понудениот кадар.
Со поделбата на владиниот колач, ВМРО-ДПМНЕ ги презема ресорите здравство каде е предложен актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, во социјална политика, демографија и млади позицијата ја зазема досегашниот заменик Ѓоко Велковски.
Актуелниот министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ се сели во ресорот локална самоуправа, а оттаму Златко Перински застанува на чело на Фондот за здравствено осигурување. Ерџан Демир ќе биде министер задолжен за имплементација на стратегијата за инклузија на ромите. Со реконструкцијата Демократската партија на Турците станува нов партнер во владата и добива министер без ресор.
ВЛЕН добива еден вицепремиер и 3 нови министерства – за правда, култура и односи меѓу заедниците. Беким Сали останува вицепремиер и министер за европски прашања. За култура и туризам е предложен досегашниот заменик, Седат Сулејмани. Во Министерството за односи меѓу заедниците доаѓа Агон Ферати, а правда заминува во рацете на професорот Јетон Шасивари, на местото на Игор Филков.
ЗНАМ со Горан Минчев го задржува ресорот јавна администрација, а функцијата во правда ја заменува со министерска позиција во земјоделие, каде предлог е Борче Серафимовски, актуелен државен секретар. Од партијата задоволни од новата позиција.
Опозицијата оценува дека владината реконструкција е козметичка, а министерските фотелји се делат на истите лица.
Предлогот за новиот состав на владата се очекува да биде испратен во Собарние до петок, а изгласан до средината на следната недела.
-
Ивана Соколвиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
