Пропаднаа измените на Изборниот законик, СДСМ ги блокираше со 10.000 амандмани
Нема договор за Изборниот законик меѓу власта и опозицијата, и покрај тоа што станува збор за измени кои се дел од реформската агенда. Камен на сопнување останува електронското гласање на дијаспората. Тоа е неприфатливо ниту за СДСМ на Филипче, од каде што поднесоа 10.000 амандмани, ниту за Левица на Апасиев, од каде што поднесоа 3.500 амандмани.
Комисијата за политички систем, иако ја почна работата и го изгласа дневниот ред, беше прекината. Нејзиното продолжение речиси сигурно никогаш нема да се одржи.
За дневниот ред, сепак, гласаа и пратениците од опозициската ДУИ.
Претходно, премиерот Мицкоски потврди дека власта е подготвена да ги прифати сите забелешки на СДСМ, Левица и ДУИ во делот на финансирањето на кампањата, записниците од гласачките места, глобите за негативна кампања на социјалните медиуми и слично.
За Филипче, пак, токму електронското гласање на дијаспората отвора сериозни сомнежи за нерегуларности во изборниот процес, кои СДСМ нема да ги дозволи, и затоа го блокира Изборниот законик.
„Токму овој начин на гласање на дијаспората, којшто го предлага Христијан Мицкоски да се имплементира кај нас, не е ниту европски, ниту демократски. Оваа измена на законот, со која се воведува ваков начин на гласање, електронски, на нашата дијаспора, не знаеме колку илјади луѓе се тоа – 100, можеби 200 илјади луѓе – отвора можност за злоупотреба, за контролирано гласање, за тоа еден човек да гласа во име на повеќе луѓе. Еве, нека го тргнат тој дел од законот. И онака се предлага тоа да се применува од претседателските избори во 2029 година. Нека се формира експертска работна група која ќе работи на тој предлог, па понатаму можеме да го имплементираме ако се осигураме дека системот е добар.“
Од Левица се сомневаат дека гласањето на дијаспората намерно е вметнато за да настане блокада на Изборниот законик и да не се дозволи државно финансирање на кампањата и на помалите партии со пратеничка група.
Изборниот законик е едно од четирите законски решенија за кои е дозволен филибастеринг според новиот Деловник.
-
Катерина Нешковa
Сите содржини од овој новинар
