ОН: Пронаоѓањето стотици тела под урнатините во Газа ги засилува сомнежите за воени злосторства

Пронаоѓањето стотици тела под урнатините на уништените објекти во Газа ги засилува сомнежите дека за време на војната можеби биле извршени воени злосторства – изјави денеска високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк.
Тој соопшти дека од урнатините на објектите уништени во израелските напади се извлечени посмртните останки на стотици луѓе, при што во многу случаи се чини дека станува збор за цели семејства, а меѓу жртвите има голем број жени и деца. Според него, овие откритија повторно ги отвораат прашањата иницирани во извештајот на ОН од 2024 година за можно прекршување на меѓународното хуманитарно право при нападите врз станбени и цивилни цели.
– Срцепарателно е што најлошите стравови на блиските на исчезнатите, кои толку долго чекаа, дури сега се потврдуваат – рече Турк изразувајќи стравување дека досега пронајдените останки се само мал дел од сите што сè уште се наоѓаат под урнатините.
Палестинската цивилна заштита соопшти дека од ноември 2025 година од урнатите објекти во разни делови на Газа се извлечени повеќе од 630 тела и човечки останки, од кои само овој месец 96 тела (меѓу кои 58 деца и 23 жени) беа пронајдени на една локација во областа Зајтун. Локалните власти проценуваат дека повеќе од 8.000 луѓе сè уште се затрупани.
Високиот комесар ги повика меѓународните истражни тимови да добијат итен пристап до сите делови на Газа за да помогнат во зачувувањето на доказите за тековните судски постапки. Во тој контекст, Франческа Албанезе, експертка на ОН за палестинските територии, исто така нагласи дека доказите мора да бидат собрани, а човечките останки идентификувани пред да почне целосното расчистување.
Турк упати и директни обвинувања до Израел дека го блокира влезот на тешката механизација потребна за расчистување, но и дека продолжува целосно да уништува одредени подрачја, каде што се распоредени израелски сили, при што булдожерите ги уриваат објектите „без никаква почит кон мртвите под урнатините“.
Израел во повеќе наврати ги отфрла обвинувањата дека намерно гаѓа цивили тврдејќи дека дејствувал во согласност со меѓународното право во борбата против Хамас.
Израелската воена операција, која почна по нападот на Хамас во октомври 2023 година, создаде речиси 61 милион тони отпад и урнатини, чие расчистување, според ОН, би можело да трае седум години. Примирјето постигнато со посредство на САД во октомври 2025 година ги запре целосните борбени дејства, но не успеа целосно да ги прекине редовните напади за чие прекршување двете страни меѓусебно се обвинуваат.
МИА
Ново на Сител
-

Засилени контроли за електрични тротинети, во август констатирани 606 прекршоци, одземени 18
-

Герасимовски: Паркот на новинарите исчистен, бездомните лица иселени , го враќаме редот и мирот во Центар
-

НАТО забележува пораст на руските хибридни напади
-

Сослушани сведоци на обвинителството и одбраната во случајот против судијата Ѓоко Ристов
-

Преку забрзување на реформите и координација меѓу владите, парламентите и политичките чинители до поскоро членство во ЕУ
-

45 дена затвор за скопјанка која со „Мерцедес“ двапати прегази куче во Улцињ
-

ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ со низа настани го одбележува Светскиот ден на сепсата
-

Нафтата и природниот гас повторно со повисоки цени, Брент веќе е над 107 долари за барел
