Македонија
20. April 2022 - 16:35

Продолжуваат реакциите за отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“

Неприфатливо и провокација е отворањето на културен центар во Битола со име Ванчо Михајлов. Ова е ставот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски откако викендов бугарскиот државен врв предводен од премиерот Петков во знак на поддршка присуствуваше на отворањето на Центарот. Спасовски смета дека разговорите со Софија треба да се водат на принципиелна основа.

Реакцијата на Спасовски стигна откако синоќа и премиерот Ковачевски во видео обраќање порача дека настанот во Битола ги разбудил духовите од минатото и дека ниту една од страните не смее да прави чекори назад за да не се наштети на односите на релација Скопје – Софија.

Од неговата партија пак, коментираат дека опозицијата била таа која ја ретуширала историјата во корист на Михајлов.

Опозицијата, пак смета дека реакциите на власта се фарса. Од ВМРО-ДПМНЕ коемнтираат дека провокациите од Бугарија се овозможени со бришењето на документите од АСНОМ од Уставот.

Од ВМРО-ДПМНЕ коментираат и дека поставувањето на восочна фигура во историски музеј е за реален приказ на историските факти со сите позитивни и негативни личности, додека отворање на центар со име на Михајлов е оживување на неговото име и дело на штета на македонските интереси.