Продолжуваат меѓусебните обвинувања помеѓу актуелни и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ
И Гордана Јанкулоска застанува зад Мицкоски во меѓусебните обвинувања за тоа дали и кој договарал политички пазар за уставните измени помеѓу актуелното и поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешната прва соработничка на екс-лидерот Груевски која издржува казна затвор денеска била на средба со актуелниот претседател на партијата. Во фото порака на Фејсбук самиот Мицкоски напиша: „Средба силна колку Горде. Неправдата никогаш не нè скршила”.
Партијата синоќа официјално застана зад актуелниот лидер со порака дека нема договарања за уставните измени. Дека партијата е единствена и дека нема раздор во пратеничките редови, денеска потврда и од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако не директно прозван, се јави и претходникот на Груевски – Љубчо Георигевски, кој отворено повикува на уставни измени.
,,Порака до Груевски: Се што ми направи мене сега ти го прават тебе. По учебникот кој им го остави. Само очигледно тие што ми беа лојални беа далеку помногубројни.
Порака до ВМРО-Шумадија: Многу мал чекор треба да направите за да му помогнете на вашиот довчерашен лидер, што единаесет години ви даваше власт. Да им помогнете на уште петнаесетина ваши сопатици кои лежат по затворите вклучувајки ги и од 27. Да и помогнете на Македонија на патот до Европа“, напиша Георгиевски на Фејсбук.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
