Македонија
15. May 2026 - 19:54

Прилепската болница набави најсовремен рентген апарат во државното здравство и видео ЕЕГ за деца

Во прилепката болница денеска се направи последната аналогна рентген снимка. Со соствени средства во висина од над 9.3 милиони денари болницата набави еден од најсовремените дигитални тавански рентгенски системи со  безжичен пренослив детектор.

За да го користат овој апарат пациентите од цела Македонија мораа за истото да плаќаат на приватните клиники. Прилеп станува прв од поголемите градски центри кај нас со комплетна дигитализирана рентген дијагностика.

„Докторите се спремни за работа, така да тоа ќе биде едно големо олеснување за нашата болница. Со такви рентген графии, да речеме панорама на цел рбет, цел екстремитет досега одеа во приватни болници, ниту клиниките немаат таков апарат“, истакна Кире Јоноски, директор на општа болница Прилеп.

„Од денес Прилеп е можеби прв од поголемите болници надвор од скопските клиники кај што рентген одделот е целосно дигитализиран. За нас значи многу, а за пациентите уште повеќе, затоа што новите рентген апарати подразбираат помали дози на радијација и зрачење, подразбираат побрзо и поефикасно добивање на рентген графиите, нивната резолуција квалитативно е далеку над старите аналогни графии“, додаде Д-р Оливер Димитриоски, началник на рентген дијагностика.

Со помош пак на општествено одговорна компанија се набави и првиот, надвор од Скопје, ВИДЕО ЕЕГ кабинет за децата до 14 години со невролошки заболувања.

„Кабинетот е наменет за видео ЕЕГ, метода која е златен стандард во современата детска неврологија. Ни овозможува во исто време регистрирање на електричната мозочна активност и видео запис од однесувањето или движењето на детето“, рече Д-р Габриела Тавчиоска, супспецијалист по педијатсриска неврологија, раководител на одд. за детски болести.

За само 2 години прилепската болниа од еден од најголемите должници во јавното зравство стигна сама, од сопствен буџет, да купи неколку значајни и скапи апарати.

„Општа болница Прилеп работи со сопствените средства, со сопствениот буџет, бидејќи сметаме дека секоја болница треба да биде одговорна за своето работење и да процени кои се потребите и на граѓаните и кои се техничките можности на болницата. Исто морам да пофалам дека во сите мои доаѓања, покрај опремата набавена од буџетот на болницата имаше и донации од локални фирми во Прилеп“, изјави Сашо Клековски, директор на Фонд за здравство.

Клековски истакна и тоа дека 40% од рентген дијагностиката во моментов била се уште аналогна и дека интенцијата ќе биде таа да се замени со вакви нови апарати.